Официјално се избрани пет иновативни компании кои аплицирале со свои технолошки решенија за намалување на загадувањето на воздухот во урбаните средини во Македонија на јавниот повик ,,О2 предизвик’’ на Фондот за иновации и технолошки развој.
Десет македонски компании се претставија вчера во Јавна соба, а стручната комисија ги избра следните пет да добијат средства за развивање на нивните решенија.
„Еко Солар“ од Штип – наградена за нејзиното технолошко решение за изработка на соларен воздушен колектор со ротирачки ќелии, кој го загрева воздухот со помош на сончева енергија и помага за догревање на просториите. Колекторот би служел како дополнување на постоечкиот ситем за греење. За ова решение тие побараа 1 722 753 денари.
„Бизифај“ од Битола – ќе изработи течност од веќе постоечки полимери која има способност да ги апсорбира штетните ПМ 2,5 и ПМ 10 честитчки. Оваа течност ќе се користи за прскање на градежни површини и патишта. Буџетот за развој на овој производ е 1 890 000 денари.
„Технолоџи парк“ од Тетово – добитник на средства за изработка на бизнис модел за инвестиции за замена на стари грејни системи во домаќинствата со нови. За таа цел, технолошкиот парк побара 1 492 804 денари.
„Технобен Нова“ од Прилеп – изработка на плочест топлиноразменувач со вграден Вентури апарат како интегрирана целина за прочистување на гасовите што се испуштаат од одредени индустриски објекти. За да го произведе тој уред, оваа фирма има потреба од 1 929 150 денари.
„Венито Комерц“ од Кавадарци – ќе развие електричен велосипед кој ќе биде приспособен за користење во градски средини, со вградени филтри за прочистување на воздухот, а истовремено фирмата ќе работи и на развивање на посебни станици за полнење на батериите во велосипедот. За да го развие овој проект, компанијата побара 1 683 430 денари.
Бидејќи побараните средства од страна на селектираните фирми го надминуваат вкупниот буџет предвиден од Фондот за овој повик за 50%, во тек се поединечни преговори со претставници на компаниите, а со цел прецизно утврдување на учеството на Фондот во финансирањето. Разликата од планираните и средствата што ќе се доделат ќе се покрие со дополнителни средства од Фондот.
Проектите што ќе бидат финансирани треба да бидат оперативни најдоцна за 12 месеци по потпишувањето на договорот.