Најголемиот натпревар по математика за средношколци во Македонија – UltiMATH продолжува и денеска, а финалисти се 56 средношколци од 25 училишта од земјава. Помеѓу петте училишта кои имаат најголем број на финалисти, кои ги демонстрираат своите математичките вештини во финалните рунди – Супер финале и UltiMATH Challenge, се:
„Математичко-информатичката гимназија“ од Скопје со најголем број финалисти 11, приватното средно училиште „Јахја Кемал“ со 9 финалисти, понатаму „Nova International School“ од Скопје со 5 финалисти, по 4 финалисти на UltiMATH има и од скопските гимназии „Раде Јовчевски-Корчагин“ и „Орце Николов“.
Како што информираат од Бреинстер НЕКСТ факултетот и НУ Колеџот за средношколци, ко-организатори на натпреварот UltiMATH и дел од Brainster Group, најголем број од финалистите – 22 се ученици во четврта година средно образование, 16 од финалистите се трета година, 10 од финалистите се втора година и 8 финалисти се ученици во прва година средно.
„Вчерашниот ден помина во динамична атмосфера, со посветеност на натпреварот од страна на сите учесници. Радува фактот дека се постигнати одлични резултати кои го демонстрираат високиот квалитет на подготовка и посветеност на финалистите кои ја покажаа својата умешност и аналитичка способност. Им честитам на сите 350 учесници“, истакна Петар Ниновски основач на образовниот центар Brainster, Факултетот Бреинстер НЕКСТ и NU колеџот за средношколци.
UltiMATH е дизајниран за да обезбеди инклузивност и фер натпревар, односно да биде еднаков за сите средношколци од прва до четврта година. Предизвикот е прилагоден за секој ученик со солидно знаење по математика, а еден од клучните фактори во самиот натпревар е и менаџирање со времето – учесниците не само што треба да ги покажат своите вештини во математика, туку и да внимаваат на брзината и ефикасноста при решавање на задачите, велат организаторите на натпреварот.
По завршување на денешниот натпреварувачки ден, најдобриот математичар ќе ја добие главната парична награда од 10 илјади евра и 100% стипендија за студирање на Бреинстер НЕКСТ факултетот. Донација од 1.500 евра ќе биде доделена и на училиштето од каде што доаѓа најдобриот математичар.
Вредни награди ќе има и за најдобрите десет учесници – сертификати, стипендии и ваучери за Бреинстер НЕКСТ факултетот и NU Колеџот за средношколци. Изненадувања ќе има и за сите финалисти на UltiMATH.