Зошто овој часовник не е само уред за мерење време, туку приказна за креативност, упорност и визија која ги надминува границите на времето? Некои идеи започнуваат како случајна мисла, како миг што се чини премногу амбициозен за да стане реалност. Но, секој кој го видел „11и11 саат“ знае дека овој часовник не е само визуелен трик – тој е вистински доказ дека времето навистина може да биде концептуализирано на нов, иновативен начин.
Сè започнало во 2017 година, кога Петар Кајевски – Македонец кој живее и работи во Виена, со долгогодишно искуство како ИТ и менаџмент консултант – почнал да се интересира за часовници. Она што првично изгледало како забава со симболите на арапските и римските броеви, прерасна во проект со големи амбиции и уште поголем потенцијал.
Со внимателно осмислен дизајн и префинети детали, „11и11 саат“ стана нешто повеќе од обичен часовник – тоа е спој на македонска креативност, швајцарски квалитет и виенска софистицираност. Амбициите и посветеноста растеа со годините, претворајќи ја оваа „игра со броеви“ во бренд со глобални аспирации.
Инспирацијата зад „11и11 саат“ доаѓа од желбата да се создаде нешто што е истовремено духовито, но и функционално, елегантно, но и смело. Деталите како бројчаникот со уникатен приказ на „круната“ која формира визуелен симбол на бројот осум, покажуваат дека ова не е само уште еден часовник на пазарот – туку концепт кој комбинира интелигенција со естетика.
Во ова интервју, Петар Кајевски открива како успеа да изгради мост помеѓу својата корпоративна кариера и претприемачкиот сон, како Македонија, Австрија и Швајцарија ја дефинираат приказната на брендот, и што сè претставува „11и11 саат“ за него – не само како производ, туку како лична визија.
Тимот зад „11и11 саат“: „11и11 саат“ е бренд на Петар Кајевски, но успехот е резултат на посветен тим со одлична синергија на вештини и креативност.
Првата серија на часовници е развиена во соработка со:
• Апостол Тноковски и Кома Дизајн – графички и индустриски дизајнери кои го обликуваа визуелниот идентитет на часовникот;
• Владимир Настевски од Часовничар Маестро – технички консултант кој помогна во остварувањето на дизајнот во функционален производ.
Овој тим ги спои своите искуства и знаења за да создаде часовник што комбинира прецизност, минимализам и безвременска елеганција.
Новинарка | Љубица Ангелкова
Фотограф | Ненад Тасевски Локација | Долап
Од каде идејата за правење часовници?
Случајно. За часовници почнав да се интересирам некаде во 2017, а кон крајот на 2019 добив идеја да направам часовник кој си игра со сличноста на арапското 11 и римското 2 (II). Требаше да биде нешто духовито, малку…до умерено амбициозно од аспект на класата на целиот часовник и да се види дали може да се добие финансирање преку Кикстартер, а сето тоа како ново искуство.
Но, како се развиваше концептот и амбициозноста на проектот, така ми доаѓаше разбирањето дека сето ова би имало смисла само ако води кон бизнис и долгорочен развој на бренд, наместо како еднократен проект.
Каде тука доаѓаат класичните мотиви како пари или порив за самоизразување?
Парите сигурно не – сепак сум бизнис консултант по професија, многу добро свесен дека пристоен исход би бил позитивна нула и ќар во вид на нови искуства и познанства.
Самоизразувањето, исто не ќе да беше фактор, барем не од класична перспектива на правење часовник кој ќе изразува некои мои естетски погледи.
А желбата за независност? Претходната кариера ја имате минато во корпоративниот свет…
Па донекаде, но прилично индиректно. Точно е дека подолго време имав начелна идеја дека би требало да почнам со нешто свое, дека имам многу од особините кои се типични за луѓе кои водат свои бизниси, кои прават нешто ново. Од друга страна, за разлика од многу претприемачи, јас поднесувам шефови и шефици – често имам различни идеи – но ги поднесувам.
Работата беше во тоа што никогаш немав идеја што би можел сам да правам како бизнис. Јасно, кога човек се занимава со менаџмент и ИТ консултантство, секогаш постои опцијата тоа да го прави независно, а не како вработен во консултантска фирма или интерен консалтинг оддел. Но, вработен и фриленс консултант се релативно слични нешта, во споредба со правење сопствен бизнис со инвестиции, со производ. Имав ѕирнато пар можности, но сѐ се заврши со првични разговори. И да бидеме реални, напуштањето на пристојно платена меѓународна кариера е нетривијален фактор при одлука да почнеш со свој бизнис. Но, како минува времето и се развива приказната, така сѐ повеќе го ценам аспектот на независност.
Но, ти го водеше „Најди!“ – пребарувач на текстови од македонски медиуми во средината на 2000-те години. Тоа не беше претприемачко искуство, не беше корисно за потфатот со часовниците?
Тоа беше пример на своја иницијатива од која стекнав релевантни искуства и за часовниците, но не беше бизнис.v2За разлика од “11и11 саат” што почна како зезанција, „Најди!“ претставуваше класична школска приказна за нови потфати – постоеше општ проблем (тешко наоѓање на текстови објавени од македонски медиуми), кој лично го чувствував (конкретниот повод беше неможноста да најдам колумна на Фрчковски во Дневник), кој го решив со правење сајт и со финансиска поддршка од “Сорос“ и тогаш новoформираната Фондација “Метаморфозис”.
Но, медиумски пребарувач само по себе не беше бизнис, бидејќи реално на Македонците не им требаат информации. Тоа го воочив многу рано, уште пред официјалното лансирање – гледајќи колку (не) го користат првите корисници, мои пријатели кои по професионален и образовен бекграунд би биле меѓу најактивните корисници на сервисот.
Мала дигресија релевантна за Иновативност: Тоа што (сѐ уште) е бизнис во Македонија е сродната активност на агрегација на тековни вести, со Тајм.мк како најуспешниот претставник. Најди имаше солидна техничка основа да стане агрегатор, но јас тогаш ја почнував со од-сабајле-до-вечер кариерата на меѓународен менаџмент консултант, па ќе немаше ни логика, ни можност за правење нешто посериозно со агрегатор. А и Игор, основачот на Тајм.мк со кој подоцна станавме пријатели, личеше дека е компетентен играч, кој ќе беше сериозна конкуренција.
Инаку да, искуствата од “Најди” ми се корисни и сега со часовниците, речиси 20 години подоцна.
Најзначајното искуство е околу комуникацијата и воспоставувањето соработка со партнери од кои ти бараш да направат нешто ново, а од нивна перспектива компликациите околу правењето на тоа ново не се оправдани од можната корист од соработката. Кај “Најди” тоа беше убедување на медиумски куќи и издавачи за давање пристап на податоци. Кај “11и11 саат” тоа е убедување на производни и пазарни партнери да правиме нешто што или досега воопшто не го правеле или го правеле за пет, десет, сто пати поголеми зделки.
Друга работа беше искуството на тоа што го правиш по медиуми, за работа (пребарувач, часовник) која вклучува куп аспекти кои се тешки за објаснување, односно неинтересни за пошироката публика.
И трето, “Најди” беше една од првите работи со која почнав да запознавам луѓе и правам контакти во некаков естаблишмент од македонското општество, надвор од комјутерџиската фела. Таа поврзаност со општеството, иако веќе скоро три децении сум повеќе во странство отколку во Македонија, секако помага многу при сегашното етаблирање на “11и11 саат”.
Приказната за „11и11 саат“ започна со мала идеја, но прерасна во сериозен проект . Каде беше моментот кога си помисливте „ова може да биде нешто големо“?
Па колку ова ќе биде големо од поширока перспектива останува да се види, но во секој случај стана големо за мене, хехе. Не мислам дека имаше некој момент кога ми кликна дека ова може да биде нешто големо, туку цела низа чекори кога амбициозноста на проектот се зголемуваше.
Веројатно најзначајниот момент беше одлуката да направам механички часовник кој ќе има датум во индексот за пет часот. Начелно ништо особено, но тоа го сведе изборот на производител на механизам на само една фирма, Селита – најголемиот независен производител на механизми во Швајцарија. Тоа пак доведе до цени, количини на нарачка, итн. кои бараа зголемување на амбиции за другите елементи на часовниците за сето тоа да има смисла.
Како конкретно се развиваше часовникот? Зарем тоа не е сложена техничка задача?
Во денешно време постојат многу фирми кои произведуваат часовници по нарачка, во дијапазон од правење и на дизајнот врз основа на насоки на клиентот, па изолирано само до изработка и монтажа врз основа на детални технички планови на клиентот.
Во мојот случај, тоа требаше да биде прилично едноставна работа – јас на производителот ќе му го доставев надворешниот 3Д модел, ќе изберев од опциите за материјали и слично и тоа ќе беше доволно да се направат часовници, сѐ разбира почнувајќи со прототип.
На макро ниво, тоа и се случи кај “11и11 часот”. Почнав со проста идеја, ја развивав со тим, разгледувавме многу опции, на крај дојдовме до дизајн кој е истовремено и мининалистички и полн со детали и тоа се произведе, со релативно мали измени во однос на функционалните прототипи и без проблеми (барем досега, чук, чук) со масовно произведените часовници.
Во пракса, работите испаднаа посложени и бараа многу итерации и преписки со производителот, така што во текот на процесот научив многу повеќе за техничките аспекти на производството на часовници отколку што имав намера и желба на почетокот.
Претпоставувам дека главната причина за тоа беше оригиналниот дизајн на часовникот, кој поставуваше невообичаени технички предизвици. Бидејќи беа невообичаени, ниту ние од страна на “11и11 саат” ги имавме сретнато по форуми и слично, ниту пак производителот имаше искуство, односно ефективни процеси за итерирање на идеите во соработка со неговите лиферанти од Кина и Хонг Конг.
На пример, најоригиналниот дел од дизајнот е индексот за 8 часот, кој е формиран од круната, која го прикажува долното крукче од 8-ката, и прстен внатре во часовникот, кој го претставува горното крукче на 8-ката. За тие две крукчиња визуелно да формираат 8-ка, беше потребно двата прстена да бидат што е можно поблиску еден до друг, но и вертикално да бидат на иста висина.
И тука доаѓат проблемите со координацијата – обично кај часовниците не е критично битно колку круната е долепена до куќиштето од надвор, односно колку индексите се прилепени до внатрешниот ѕид, па требаше многу дискусии и преговарање до ниво на 0,05 милиметри за да го дефинираме конечниот дизајн.
Уште посложено беше усогласувањето на висината на двата прстена. Проблемот беше во тоа што за да се постигне усогласеност, требаше да се направи нацрт кој ги зема предвид ограничувањата за производството на круната, бројчаникот и куќиштето – три дела произведени од три разни производители, за кои обично нема потреба од симултано усогласување. Резултатот беа недели на преписка во кои производителот сакаше да се изјаснам за конкретни димензии на деловите, а јас одговарав дека сакам врвот на круната и внатрешниот индекс да се на иста висина, а дека производителот треба да дефинира со кои димензии би се постигнало тоа. Но упорноста се исплатеше, и часовниците беа произведени во средината, односно на крајот на минатата година.
Каков е приемот на часовникот, дали има заинтересираност?
Кусиот одговор е дека има добар прием и заинтересираност.
Посложениот одговор е дека приемот е млак во групата која ја сметав за главна група купувачи – љубителите и ентузијастите за часовници. За класични љубители на часовници се чини дека дизајнот е премногу авангарден, така што успех со таа група ќе бара доста работа со комуникација на сите ситни елементи кои “11и11 саат” го прават и сериозна хоролошка приказна – во својата ценовна категорија, се разбира.
Од друга страна, приемот е одличен кај љубители на дизајн, креативци, дизајнери, архитекти. Исто е популарен и кај жени со класичен вкус – часовниците можеби се преавангардни како часовници, но погледнати како аксесоари се сосема во согласност и со класични вкусови.
Погледнато наназад, сега гледам дека индикации за ова имаше во текот на целиот развој на часовникот, но сите имаме одличен вид кога гледаме наназад, што би кажале Американците. Намерно не ја употребив нашата за генералите после битката, бидејќи битката за продавање на новите целни групи е во тек, хаха.
Кои се идните планови за 11и11 саат, дали планираш нови модели часовници?
Имајќи го предвид приемот на пазарот, главните активности ги планирам околу пласманот на часовниците до релевантните целни групи – да се продаваат часовници на љубители на часовници е поедноставна работа отколку да се продаваат на љубители на дизајн, на страна преклопот помеѓу двете групи. Од аспект на нови модели, тоа веројатно ќе бидат варијации на сегашните модели – имам и идеи за сосема различни модели, но кои се уште повеќе замислени за напредни љубители на часовници. Тие ќе мора да почекаат да се пробијам со основниот модел меѓу љубителите, односно да станам толку успешен меѓу другите купувачи, што некој од тие модели би ги правел за престиж, но ова се теми за идни времиња.