Кинеските медиуми објавија дека кинеските астронаути на нивната вселенска станица Тиангонг успеале да произведат ракетно гориво преку процес што го нарекоа „вештачка фотосинтеза“.
Според South China Morning Post, астронаутите успеале да ги произведат состојките потребни за ракетно гориво, како и кислород, елемент кој е особено важен во вселената.
Иако нема многу детали за самиот процес, медиумските извештаи сугерираат дека астронаутите користеле полупроводнички катализатори за претворање на јаглерод диоксид и вода во кислород и етилен. Оваа технологија го имитира природниот процес на фотосинтеза преку физички и хемиски методи, користејќи извори на јаглерод диоксид во затворени простори или вонземски атмосфери за производство на кислород и горива базирани на јаглерод.
Тие, исто така, наведуваат дека резултатите од експериментите спроведени на Тиангонг би можеле да обезбедат клучни информации и техники важни за опстанокот на човекот и истражување на вселената. Првенствено затоа што, очигледно, тие би можеле да обезбедат извор на кислород за дишење и ракетно гориво за патување низ вселената.
Идејата за користење на полупроводнички катализатори се разликува од претходните техники за производство на кислород, како што е електролизата. Експертите долго време предупредуваат дека користењето на електролиза бара премногу енергија за употреба при летови на долги релации.
Но, кинеските научници се надеваат дека користењето на полупроводнички катализатор би можело да биде прифатлива алтернатива. Особено што Кина планира да изгради сопствена станица на јужниот пол на Месечината до 2035 година. Обезбедувањето на технологијата за производство на кислород на самата Месечина, како и производството на ракетно гориво за враќање на Земјата или истражување на други планети во близина може да се покаже како клучно за нивниот напредок во вселенската трка.
(Zimo)