Британски научници од Универзитетот Свонси и Кралскиот колеџ во Лондон ги здружија силите со научници од Чиле и создадоа нов вид асфалт кој може да ги поправа сопствените пукнатини, без потреба од човечка интервенција. Пукнатините кои настануваат поради распаѓање на битуменот, лепливиот материјал во асфалтната смеса, со текот на времето се шират и се претвораат во дупки кои можат да ја нарушат безбедноста во сообраќајот и да предизвикаат оштетување на возилата. Сепак, научниците открија како да го спречат создавањето на пукнатини и развија метод за „закрпување“ на асфалтот доколку навистина се појави пукнатина. Ова ќе создаде побезбедни, потрајни и одржливи патишта.
Тие го објавија своето откритие во списанието Digital Discovery.
За да создадат „самолекувачки“ асфалт научниците се обратија за помош на вештачката интелигенција, користејќи ја за проучување на органските молекули во битуменот. Тие ја рафинираа вештачката интелигенција и развија нов модел за забрзување на симулацијата на атомизација, а со тоа го забрзуваат истражувањето за оксидација и пукање на битуменот.
Откако утврдија како се појавуваат пукнатините, следниот чекор беше асфалтот да се „самолекува“. Тие го постигнаа ова со инкорпорирање на ситен порозен материјал, познат како спори. Потенки од прамен коса, спорите се полни со рециклирани масла кои се ослободуваат кога ќе се појават првите пукнатини во битуменот, што помага да се запре целиот процес.
За време на лабораториските експерименти научниците успеа длеа ги поправат микропукнатините во новиот напреден асфалт за помалку од еден час. Иако овој асфалт сè уште е во развој, научниците кои работат на него се крајно оптимисти и веруваат дека тој има голем потенцијал за подобрување на инфраструктурата ширум светот, како и помош во борбата за одржливост.
„Во нашето истражување сакавме да ги имитираме лековитите својства забележани во природата. На пример, кога се сече дрво или животно, нивните рани природно зараснуваат со текот на времето, користејќи ја сопствената биологија. Создавањето асфалт што може сам да се лекува ќе ја зголеми издржливоста на патиштата и ќе ја намали потребата луѓето да ги пополнуваат дупките. Ние, исто така, користиме одржливи материјали во нашиот нов асфалт, вклучително и отпад од биомаса. Ова ќе ја намали нашата зависност од нафта и природни ресурси. Отпадот од биомаса е достапен локално и насекаде и е евтин. Производството на инфраструктурни материјали од локални ресурси, како што е отпадот, ја намалува зависноста од достапноста на нафтата, што им помага на оние области во светот кои имаат ограничен пристап до асфалтот на база на нафта, објасни д-р Франциско Мартин-Мартинез, експерт за пресметковна хемија на Кралскиот колеџ во Лондон, кој учествуваше во истражувањето.
(Zimo)
(фото: Raw Pixel)