Истражувачите од Институтот за астрофизика на Канарските Острови (IAC) и Универзитетот во Ла Лагуна (ULL) го потврдија постоењето на таканаречената супер Земја во зоната на живеење на ѕвездата HD 20794 d, слична на Сонцето. Ѕвездата HD 20794 има малку помала маса од нашето Сонце и е оддалечена од Земјата „само“ 20 светлосни години.
Терминот супер Земја не кажува ништо за површинските својства или можната населливост на планетата, но супер Земјите даваат важни информации за различноста на планетите во нашиот универзум и нивните можни услови за живот.
Новооткриената супер-Земја HD 20794 d има шест пати поголема маса од Земјата и следи елипсовидна, наместо кружна орбита. На планетата и се потребни 647 дена да кружи околу своето сонце, 40 дена помалку од Марс. Со оглед на нејзината орбита, таа е на вистинско растојание од ѕвезда слична на Сонцето за да има течна вода на нејзината површина, што е предуслов за постоење на живот, пишува Deutsche Welle.
Биле користени податоците од најсовремената опсерваторија Ла Сила на ЕСО во Чиле како основа. Ова овозможува мерење на ситни флуктуации во брзината на ѕвездите предизвикани од гравитациската сила на планетите во системот.
„Многу малку инструменти во светот можат да ја постигнат прецизноста потребна за такво откритие“, објаснува Никола Нари од Универзитетот во Ла Лагуна, кој е и главен автор на студијата.
Интересното растојание на планетата од нејзината ѕвезда слична на Сонцето и нејзиното релативно блиско растојание од Земјата ја прават HD 20794 d многу атрактивен кандидат за идните мисии во вселената. Системот првично ќе биде набљудуван од Земјата со помош на телескопи со високи перформанси бидејќи HD 20794 d засега ни останува недостапен. Со денешната технологија патувањето до планета оддалечена 20 светлосни години би траело исклучително долго време. Дури и на сондите Voyager, кои патувале најдалеку досега и се движат со брзина од 17 километри во секунда или околу 61.200 км/ч, сепак би им требале околу 17.200 години за секоја светлосна година.
„HD 20794 d не е втор дом за човештвото, но неговата локација и посебна орбита ни даваат единствена можност да проучуваме како условите за живот се менуваат со текот на времето и како овие промени можат да влијаат на еволуцијата на атмосферата на планетата“, вели Алехандро Суарез Маскарењо, истражувач во IAC и коавтор на студијата.
(021)