Центарот за хербализам,туризам и одржлив развој БИЛКИЛАЈФ, ги прогласи најдобрите три бизнис идеи на Натпреварот за најдобри бизнис идеи за социјално претприемништво, во рамките на Проектот „Едукација за млади социјални претприемачи: Иднина на одржливиот бизнис“.
Првонаградена е бизнис идејата „Artimpact“ на Катерина Вишинова, која ќе ги поддржува младите уметници и ќе им овозможува на загрозените групи пристап
до уметничко образование. Втора награда доби Валмир Имеров со бизнис идејата „Hope Bites“, камион за храна кој ќе ги снабдува гладните и социјално загрозени граѓани.
Трето место доби бизнис идејата „Еко пчеларска куќа“, на Игор Јосифоски за повеќенаменска еко куќа што комбинира пчеларство, апитерапија, органско производство, туризам и едукација, со мисија да ја поддржи руралната заедница во охридскиот крај, вработување на млади, заштита на животната средина преку заштита на пчелите и промоција на здрав начин на живот.
Жири комисијата додели уште една посебна награда, за особен придонес, на младиот студент по медицина од Скопје, Спасение Анчески, кој исто така, инспириран од стекнатото знаење од обуките, создаде своја бизнис идеја за социјално претпријатие за поддршка при вработување на млади лица со попреченост.Како и на Ѓоко Јузмески, за неговата бизнис идеја, органска фарма за земјоделство и обука на локалната заедница,со што даде особен придонес на Натпреварот и проектот.



Новите иновативни бизнис идеи од младите, ќе придонесат за развојот на социјалното претприемништво и позитивни општествени промени, што беа и основните цели на проектот.
На настанот, кој се одржа денес, во просториите на БАС-Бизнис Академија Смилевски, беа претставени и наградени најдобрите социјални бизнис идеи, кои имаат потенцијал да донесат одржливи решенија за општествените предизвици. Дополнително, сите учесници кои успешно го завршија едукативниот процес добија сертификати како потврда за нивната посветеност и напредок.
Во изминатите месеци, во рамките на активностите, се одржаа четири едукативни обуки за совладување на основите на социјалното претприемништво кај младите, потоа учеа за подготовка на бизнис план, за промоција на социјалните бизниси, со нивните специфики и маркетинг на производите или услугите, на кои се темелат нивните идеи. Обуките ги посетуваа млади и студенти на БАС-Бизнис Академија Смилевски.
Преку теоретскиот едукативен дел, искусни обучувачи ги водеа во светот на социјалното претприемништво, откривајќи ги сите придобивки од основање и развој на овој концепт на претприемништво, кој создава позитивно влијание во заедницата.
Тие, учеа и практично, преку студија на случај, на социјалното претпријатие БИЛКИЛАЈФ, за функционирањето на ваков вид претпријатие и начинот на работа, како и примери на други домашни и странски социјални бизниси.


„Преку овој проект, младите учесници поминаа низ обуки, менторски сесии и практични работилници кои им помогнаа да ги развијат своите претприемачки капацитети и да ја изградат својата визија за социјално одговорен бизнис. Нивниот ентузијазам и креативност покажаа дека младите се двигателите на иновативни решенија и одржлив економски развој. Се радуваме што младите се многу иновативни и имаат одлични идеи. Треба да ги мотивираме да продолжат да работат на нивно реализирање“, истакна Марија Георгиевска, извршна директорка на БИЛКИЛАЈФ.
На настанот присуствуваа претставници од бизнис секторот, граѓански организации ,образовни институции, кои ја изразија својата поддршка за младите претприемачи и нивните идеи. Присутните имаа можност да го слушнат и практичниот пример, за успешни македонски социјални претпријатија, како што се „О-круг“ и „Мамаоргана“. Овој проект потврди дека со вистинска поддршка и соодветна едукација, младите можат да создадат значајни промени во општеството.
Во рамките на Проектот беше спроведена и кампања за поттикнување на социјалното претприемништво.
Проектот, кој го реализираше социјалното претпријатие БИЛКИЛАЈФ, е ко-финансиран од Министерството за економија и труд на Република Северна Македонија.