Повеќе од 60 отсто од странските инвеститори со намалени нарачки и недостиг на работна сила

- Advertisement -

Според резултатите од анкетата на Советот на странски инвеститори, 90 отсто од инвеститорите сметаат дека правилата за државна помош не се јасни и нема некое подобрување во оваа смисла во споредба со лани

Повеќе од 60 отсто од странските инвеститори во земјава имале намален број на нарачки и недостаток на работна сила во 2024 година во споредба со првичните планови. Ова го покажа анкетата на најголемите странски инвеститори чии резултати ги објави Советот на странски инвеститори кој функционира во рамки на Стопанската комора на Северна Македонија.

- Advertisement -

Најголемите препреки во нивните бизниси во 2024 година биле недостатокот на квалификувана работна сила и зголемените оперативни трошоци.

Покрај тоа, според презентацијата на резултатите од страна на претседателот на Советот, Виктор Мизо, препреки претставуваат и бирократијата и неконзистентноста, правната несигурност и честите промени во бизнис регулативата, но и корупцијата и проблемите со правосудството.

- Advertisement -

Ако се погледнат одговорите на прашањето кои се главните причини за недостаток на работна сила, странските инвеститори велат оти тоа се главно неконзистентноста, односно тоа што работниците го напуштаат работното место кратко откако ќе бидат вработени, потоа недоволниот интерес за работа во нивната индустрија, како и недоволното практично искуство и знаење.

Според резултатите на анкетата, речиси сите големи странски инвеститори (93 отсто) одговориле дека имале проблеми да најдат работници на позициите инженери, технички персонал и оператори. Но, од друга страна, 91 отсто рекле оти се целосно или делумно задоволни со ефикасноста на вработените во споредба со други локации.

- Advertisement -

Исто така, значајно е да се напомене оти во 2024 година речиси сите големи странски инвеститори (93 отсто) ги зголемиле платите на вработените. Како причини за зголемување на платите, 60 отсто од нив навеле дека се конкуренцијата на пазарот на труд, 58 отсто инфлацијата и зголемените трошоци на живот, а 40 отсто зголемената минимална плата.

Како главни препораки за подобрување на состојбата со работната сила, големите странски инвеститори предлагаат подобрување на образовните програми на сите нивоа, намалување на вработувањата во јавната администрација (имплементација на мерит системот), обуки, задолжително практикансттво и т.н. образование по мерка. Дополнително, предлагаат да се олесни добивањето на работни дозволи.

Анкетата била спроведена во периодот од 24 ноември 2024 г. до 20 јануари 2025 година. Во неа учествувале инвеститори од САД, Канада, Обединетото Кралство, Германија, Австрија, Белгија, Холандија, Швајцарија, Ирска, Грција, Словенија, Хрватска, Србија, Турција, Русија, Кина, Тајван итн. Околу 75 отсто од учесниците во анкетата работат во производство (автомобилски делови, пластика и гума, храна и пијалоци, металургија, тутунска индустрија, фармација итн) а 25 отсто во трговија и услуги (телекомуникации, аеродроми, банки, осигурителни компании, консалтинг, финансиски услуги итн.). Нивните компании заедно имаат над 40.000 вработени, со вкупни инвестиции од 4 милијарди евра, од кои над 270 милиони евра инвестиции во 2024 година. Главно станува збор за извозни компании со околу 93 отсто од приходите кои доаѓаат преку извоз.

Дополнително, околу половината од нив (49 отсто) се компании кои користат државна помош, а 36 отсто се соочиле со проблеми, односно одложувања при добивањето на оваа државна помош. Значајно е што речиси сите големи странски инвеститори кои примаат државна помош  (90 отсто) сметаат дека правилата за државна помош не се јасни и нема некое подобрување во оваа смисла во споредба со лани. Минатата година оваа бројка била 65 отсто.

Целиот текст на Мета
Фото – fez.gov.mk

Сподели!
- Advertisement -