Функцијата за откривање слип апнеа на Galaxy Watch продолжува да добива внимание со одобрение од водечки светски институции
Samsung Electronics и Универзитетот Станфорд заеднички најавија истражувачки проект со Stanford Medicine за иницирање на иновативно здравствено решение базирано на функцијата на Samsung за опструктивна слип апнеа (OSA)[i], која доби De Novo одобрување — прво од ваков вид — од Администрацијата за храна и лекови на САД (FDA). Во чест на Светскиот ден на здравјето, овој проект ја истакнува важноста на спиењето во целокупното здравје, преземајќи дополнителни чекори кон проактивна грижа, започнувајќи со една пионерска студија.
Под водство на професорот Робсон Капасо (Robson Capasso) како главен истражувач и професорот Клит Кушида (Clete Kushida) како ко-главен истражувач, заедничката студија е осмислена да истражи потенцијални начини за понатамошно унапредување на функцијата за слип апнеа на Samsung, со цел подобра поддршка на здравјето при спиење преку навремени интервенции. Гледајќи напред, напорите ќе се насочат кон надминување на обичната детекција, со искористување на вештачката интелигенција за секојдневно следење и управување со слип апнеа, овозможувајќи им на корисниците најдобри алатки за спиење за унапредување на нивното здравје.
Функцијата на Samsung за откривање слип апнеа на Galaxy Watch[ii], која ги детектира знаците на умерена до тешка опструктивна слип апнеа, претходно доби одобрение од Американската администрација за храна и лекови (FDA), откако прво беше одобрена од Министерството за храна и безбедност на лекови на Кореја (MFDS). Со најновото одобрение од Националната агенција за здравствен надзор на Бразил (ANVISA), оваа функција ќе стане достапна за корисниците во Бразил кон крајот на април, зголемувајќи ја нејзината достапност на 29 пазари ширум светот. Функцијата за слип апнеа ќе продолжи да се проширува и во други земји, овозможувајќи им на сè повеќе луѓе проактивно да ги забележат симптомите навреме и да спречат понатамошни долгорочни компликации поврзани со OSA.
„Етичката, правичната и врз докази заснованата примена на технологијата, по нејзина валидизација преку научни студии, е клучна за развивање нови пристапи во откривањето и управувањето со слип апнеа и други сериозни состојби поврзани со спиењето,“ изјави д-р Робсон Капасо (Robson Capasso), FAASM, раководител на Одделот за хирургија на спиење, професор по оториноларингологија и хирургија на глава и врат, поранешен продекан за истражување на Медицинскиот факултет при Универзитетот Станфорд. „Возбудени сме поради оваа револуционерна соработка и горди што ја започнуваме студијата користејќи паметни часовници – пријателска и широко прифатена носива технологија.“
„Оваа соработка со Stanford Medicine ќе ја обедини нашата длабока технолошка експертиза со водечките истражувачки капацитети на Станфорд, со цел да се отклучат нови иновации во превентивната здравствена грижа,“ изјави д-р Хон Пак (Hon Pak), постар потпретседател и раководител на Тимот за дигитално здравје во Mobile eXperience на Samsung Electronics. „Заедно, имаме цел да отидеме подалеку од само скрининг, нудејќи секојдневна, значајна поддршка која им помага на луѓето подобро да го разберат и управуваат со своето здравје при спиење.“
За Samsung Electronics
Samsung го инспирира светот и ја обликува иднината со трансформативни идеи и технологии. Компанијата го редефинира светот на телевизорите, паметните телефони, носивите уреди, таблетите, апаратите за домаќинство, мрежните системи и меморија, LSI системите, полуспроводниците и LED решенија и обезбедува беспрекорно поврзано искуство низ својот SmartThings екосистем и отворената соработка со партнерите. Најнови вести на Samsung Newsroom: http://news.samsung.com/mk/.
[i] Функцијата за слип апнеа претставува софтверска, безрецептна (OTC) мобилна медицинска апликација, која работи на компатибилен Samsung Galaxy часовник и телефон. Оваа функција е наменета за откривање знаци на умерена до тешка опструктивна слип апнеа преку значајни нарушувања во дишењето кај возрасни корисници на 22 години и повеќе, во период на следење од две ноќи. Таа е наменета за користење по потреба. Оваа функција не е наменета за корисници на кои веќе им е дијагностицирана слип апнеа. Корисниците не треба да ја користат оваа функција како замена за традиционални методи на дијагноза и третман од квалификуван здравствен работник. Податоците што ги обезбедува овој уред исто така не се наменети да им помогнат на клиничките лекари во дијагностицирање на нарушувања во спиењето.
[ii] Достапноста може да варира во зависност од пазарот, операторот, моделот или споениот паметен телефон. Достапно за серијата Galaxy Watch4 и поновите модели. Часовникот мора да користи Wear OS верзија 5.0 или понова и да биде споен со Samsung Galaxy паметен телефон со Android 12.0 или понова верзија..