Explorarium – првиот научен клуб за деца во Македонија каде науката и забавата се преклопуваат

- Advertisement -

Сите деца се истражувачи, а кога нивната љубопитност и љубов кон нови нешта се негува во континуитет, тогаш сме сведоци на создавање на генерација на иноватори. Ова е визијата и на првиот македонски научен клуб за деца, Explorarium, каде децата осознаваат дека наука е во суштина сето она што нѐ опкружува, а уште поважно, дека да се учи наука е забавно. Јасмина Пешева, основач на Explorarium, раскажува за Иновативност за впечатоците од едногодишното постоење на клубот и важноста на развивањето вакви вештини кај децата

(Разговараше – Бисера Срцева)

– Со каква идеја го создадовте Explorarium и која е визијата која сакате да ја остварите со клубот?

- Advertisement -

Нашата идеја, пред сѐ, е да се смени перцепцијата кај децата за науката бидејќи системот некако им ја прави далечна. Трендовите во светот веќе налагаат нештата да се изучуваат интегрирано и интердисциплинарно, а да не се делат на определени предмети како физика, хемија итн. Веќе сѐ повеќе актуелни се инженерските или т.н. makers пристапи. Така и ние во нашите работилници се обидуваме да ги опфатиме овие аспекти, а тоа да биде на еден забавен начин, близок до децата со што ќе им се зголеми желбата за истражување.

Сите деца кога се малечки се истражувачи, сакаат да експериментираат, но најчесто не постојат услови во домот, потребните материјали се недостапни и доста скапи, а и родителите немаат време ниту експертиза да им помогнат на децата да развијат ваков тип на вештини. Овде настапува Explorarium како место каде децата можат да си најдат простор да се изразат. Низ овој пристап, учење преку забава, децата не се ни свесни колку многу изучуваат. Само искуственото учење дава резултати, бидејќи децата побргу ги забораваат фактите доколку немаат со што да ги врзат во пракса.

- Advertisement -

Какви активности и работилници нуди Explorarium за децата?

- Advertisement -

Имаме повеќе типови на работилници, интегрирани кои опфаќаат аспекти од различни природни и технички науки. Се одржуваат на неделно ниво, односно креираме неделна програма. Децата кои доаѓаат не се запишуваат на курс со задолжително присуство, туку повеќе гледаме да се адаптираме на нивните желби и потреби зошто овие работилници треба пред сѐ да бидат забавни. Затоа има шаренолика програма за да може детето да се вклучи во онаа проблематика што му е интересна. Велиме дека сме центар кој работи на развивање вештини кај децата, вештини кои најчесто се запоставени и од образовниот систем, и од родителите во слободно време. Најчесто се форсираат спортови, јазици, а на развивањето на овие вештини кои се насочени кон истражување ретко се посветува внимание.

Имавме и курс за готвење, фантастично си поминаа децата каде исто така научија практични работи, на соодветно ниво, за да можат дома сами да ги изведат. Размислуваме и за воведување курсеви по екологија, астрономија, ликовно и сѐ што придонесува кон развивање вештини кои понатаму во животот ќе им служат и ќе им отворат нови перспективи.

Освен стандардните курсеви, организиравме летен камп и зимски камп каде децата престојуваа во Explorarium преку целиот ден. Овие содржини се наменети за време на зимскиот и летниот распуст.

– Што е она што Вас, како основач на клубот, ве инспираше да се впуштите во создавање на еден ваков простор?

Идејата се роди како лична потреба. Родител сум на три деца коишто имаат различни интереси, а немавме простор каде ќе можат да ги изразуваат ваквите интереси. Во регионот, начинот на кој се перцепира образованието е од застарен тип и скоро и да не се допира поттикнувањето на вакви вештини, а гледаме дека напредните образовни системи како, на пример, оние во скандинавските земји, повеќе ставаат акцент на ваквото учење. Проблемот на иднината ќе биде недостатокот на вештини кај луѓето, затоа што компјутеризацијата и автоматизацијата се интензивира. Ние сакаме да ги мотивираме децата да научат некои вештини, и наместо да седат пред компјутер цел ден, да истражат аспекти кои можеби не ни знаеле дека ги интересираат.

[quote]Oва е центар кој работи на развивање вештини кај децата, вештини кои најчесто се запоставени и од образовниот систем, и од родителите во слободно време[/quote]

– Каков е профилот на тимот од стручни лица кои ги водат работилниците?

Во нашиот тим се вклучени многу професори од ПМФ и од средни училишта со кои заедно ги правиме програмите. Тие исто така ги водат и работилниците, секој во својата проблематика. Некогаш имаме и комбинирани работилници во сабота, кога децата се послободни и вклучуваат изработки или crafts и секако наука. Посебна благодарност сакам да изразам до нашите професори и тоа проф. д-р Миха Буклески кој доаѓа од ПМФ – катедра хемија, проф д-р Ристе Попески – Димовски кој доаѓа од ПМФ катедра физика, Славица Алексова професор по хемија, Јасмина Апостолова професор по хемија, Кирил Буцковски професор по физика, Симона Стојчевска – биолог, Андреа Алексоска – биолог, како и г-ѓа Елена Хаџијанева која е виртуоз во изработка на ракотворби и ги води Crafts работилниците.

– Колкава е потребата од вакви клубови во Македонија и каков е интересот до сега?

Пред да почнеме, правевме некакви основни анализи за интересите на децата. Заклучокот беше, како што спомнавме, дека децата кога се мали имаат љубопитност и желба да истражуваат нови работи, но ретко имаат услови и можности за тоа. Сметам дека секое дете има огромен капацитет, треба само да му се даде шанса да се изрази.

Јас сум изненадена од тоа колкав е интересот за нашите работилници и впечатокот ни е дека децата како едвај да чекале да се отвори ваков клуб. Кога доаѓаат, не пропуштаат да експериментираат бидејќи во училиште немаат нагледни средства како микроскопи, алатки, ресурси. Возбудени се и секоја наредна работилница ја чекаат со нетрпение. Имаме и случај со некои деца кои, иако се во основно училиште, водат блогови на кои објавуваат слики и впечатоци за тоа како си поминале на работилница во Explorarium.

На работилниците има различни експерименти, најважно е тоа што програмата е навистина богата и секоја недела има нови експерименти. Ретко кој експеримент го повторуваме, обично ги повторуваме само оние за кои има најголем интерес. Редовно објавуваме и пишуваме на веб страницата и Facebook страницата на Explorarium за работилниците и секој што е заинтересиран може да следи и да види за која работилница детето би било заинтересирано.

– Дали постои соработка помеѓу Explorarium и некои образовани институции?

Официјална соработка со училишта немаме, но до сега нѐ имаат посетено групи на ученици од основни и средни училишта со своите професори и присуствувале на работилница на тематика која во моментов ја обработуваат според наставната програма.

Имаме соработка со ПМФ и со Технолошки факултет, а ова придонесе и да учествуваме во Месецот на науката. Интересот на овие факултети за соработка е тоа што децата кои доаѓаат редовно во Explorarium и развиваат вештини се нивна понатамошна целна група како студенти на природни и технички науки. Убаво е кога некој ќе ги поттикне децата уште мали на истражувачка дејност. Ние се обидуваме да ја одржиме љубовта кон истражување кај децата бидејќи општеството често знае да ја потисне и ќе бидеме премногу задоволни доколку придонесеме кон тоа барем одреден дел од децата да се одлучат понатаму за истражувачка кариера.

– Кои се следните планови зa Explorarium?

Во наредниот период планираме да воведеме и курсеви за кои ќе биде потребно подолгорочно присуство со кои ќе ја збогатиме нашата програма и според дијапазон на активност и според возрасни групи. До сега целна група ни беа децата од 6 до 12 години, но сега развиваме и програми за претшколска возраст бидејќи има огромен интерес од родителите. Тоа е многу важно, дека и родителите ја препознаваат потребата нивните деца да развиваат свои интереси. Ќе имаме активности и за средношколци како на пример од електротехника, односно сѐ што им е интересно, а не е моментално опфатено од образованиот систем. Нашата стратегија е да биде што е можно подостапни за повеќе деца со тоа што гледаме да сме конкурентни и со цена и флексибилни со термините.

За да се информирате за програмите во Explorarium, посетете ја нивната веб страница овде и нивната Facebook страница овде.

Сподели!
- Advertisement -