Ски центарот Равна Планина потпиша договор со реномираната кинеска компанија Eternal Star Ice & Snow Technology за изградба на првата затворена скијачка сала на Балканот. Салата од 16.000 метри квадратни, вредна над 20 милиони евра, ќе се гради во Пале и ќе користи обновливи извори на енергија.
„Целогодишното скијање наскоро станува реалност – за професионалци, рекреативци и сите љубители на зимата. Ова е историски чекор за развој на туризмот и спортот во регионот, а Равна Планина дополнително се позиционира како дестинација број еден во текот на годината“, велат од скијачкиот центар Равна Планина.
Договорот беше потпишан на 14 април 2025 година во Амбасадата на Босна и Херцеговина во Пекинг.
Равна Планина е помал и релативно непознат ски центар во Пале. Има две патеки, што всушност е една патека со неколку краци, а затворена гондола ги носи скијачите и бордерите до врвот на планината.
За разлика од Јахорина, цените на Равна Планина се далеку поприфатливи, што наскоро би можело да се промени. Покрај најавената затворена скијачка сала, веднаш до гондолата кај скијачкиот центар се градат повеќе од 10 високи згради за да се сместат љубителите на зимските спортови.
(Bizlife)
(фото: Flickr)