ВИДЕО: Овој хуманоиден робот има дури 1.000 мускули

- Advertisement -

Полскиот стартап Clone Robotics го претстави Protoclone, хуманоиден робот кој верно го реплицира човечкиот скелет, мускулите, циркулаторниот и нервниот систем користејќи вештачки компоненти. За разлика од повеќето хуманоидни роботи, Protoclone е изграден на целосно анатомски човечки скелет, со 1.000 вештачки мускули (т.н. Myfibers), над 500 сензори и повеќе од 200 степени на слобода во движењето.

Првата верзија на овој робот користи пневматски погонски системи, додека идните верзии ќе се префрлат на хидраулика, со што ќе се постигне поголема моќност и прецизност на движењето. Protoclone е првиот комерцијален двоножен андроид со целосна мускулно-скелетна структура, за разлика од роботите како јапонскиот Kengoro, кои беа истражувачки по природа.

- Advertisement -

Технологијата Myofiber им овозможува на вештачките мускули да се однесуваат како биолошки. Секој може да се контрахира до 30% од својата должина, да реагира за помалку од 50 милисекунди и да генерира над 1 кг сила со само 3 грама маса. Само горниот дел од телото на роботот има 164 степени на слобода во движењето, вклучувајќи 26 во раката, зглобовите и лактот, 20 во рамената и 6 во секој пршлен на ‘рбетот.

Визуелната и моторната контрола на роботот се постигнува со помош на NVIDIA Jetson Thor GPU во черепот, додека движењата се контролираат преку микроконтролери распоредени по должината на ‘рбетот. Системот за вид користи четири камери за длабочина, а сензорите за притисок и инерција даваат информации за силата на мускулите и положбата на зглобовите во реално време. Вештачкиот васкуларен систем користи пумпа од 500W напојувана со вода и вентили Aquajet за пренос на течност низ „мускулите“.

- Advertisement -

Protoclone беше претставен во јавноста на почетокот на годината, а најновото видео во кое роботот се врти и се движи со морничава прецизност предизвика подеднакво воодушевување и непријатност. Clone Robotics планира дополнително да ги комерцијализира овие роботи, со фокус на биомеханичкиот реализам, за разлика од другите компании кои градат роботи за едноставни задачи.

(Interesting Engineering)

- Advertisement -

(фото: YouTube)

Сподели!
- Advertisement -