Роберт Коцев од Радишани ги враќа производите од афион на македонската трпеза

- Advertisement -

Традицијата на производство на квалитетен афион на овие простори е долгогодишна. Таа била инспирација за скопјанецот Роберт Коцев и неговото семејство да започнат да произведуваат уникатно продукти како чисто масло, путер, брашно и сапуни од афион.

Нивната мотивација и желба за иновирање не застанала тука, па портфолиото го надополниле со масла од кајсија, горка кајсија, бадем, орев, лен, модра слива и тиква.

- Advertisement -

Роберт вели дека за секој од овие производи технологијата сами ја осмислуваат, машините ги набавуваат насекаде по светот, а рецептурите се нивни, семејни. Тој вели дека идејата е производите да бидат целосно домашни, заради што инсистираат суровина да купуваат од македонски производители и да го поддржат домашното земјоделство. Освен што е иновативен, нивниот бизнис е и еколошки, бидејќи производството е со нула отпад.

Новинар – Сања Наумовска

- Advertisement -

Роберт, веќе неколку години се занимавате со преработка на афион, градејќи го брендот „Нутрико“. Кажете ни какви продукти имате?

Нашиот бренд „Нутрико“ е семејна фирма лоцирана во скопско Радишани и се занимаваме со  производство на природни масла и здрава храна. Афионот како суровина има клучна улога во нашиот погон за производство, а производите од истиот се нашата атракција во фирмата. Нормално, го проширивме асортиманот и со други суровини како кајсијата, горката кајсија, бадемот, оревот, ленот, модрата слива и тиквата и од сите произведуваме масло, а од сувата обезмастена материја имаме брашно. 

- Advertisement -

Кои се бенефитите од афиoнот и како и кој може да ги користи овие производи?

Афионот како суровина го користиме  за производство на четири производи и тоа масло, брашно, путер и сапун. Најголема моќ за здравјето на луѓето има маслото бидејќи има силно антивоспалително, антиканцерогено, смирувачко и регенеративно дејство. Се користи со лажица еднаш или двапати на ден зависно од проблемот и делува на проблеми со дигестивниот систем, нервниот систем, парадентоза, остеопороза, крвниот притисок, шеќер во крвта и многу други. Има богат нутритивен состав и дава енергетска моќ на организмот. За надворешна употреба се користи за смирување на болка од изгореници исекотини и за брзо регенерирање на оштетена, дехидрирана, иритирана и исончана кожа, па и за нормална нега на кожата. Исто се користи за смирување на воспаление на уво, смирување на болка од изваден заб, афти во уста, смирување на хемороиди и други проблеми. Нормално, при толкава листа на здравствени бенефити најдобро е маслото да се користи како превентива, а може да го користат и деца и лица во поодминати години.

Путерот од афион е своевидна модерна верзија на к’цаниот афион познат во мојот роден крај и има бенефит за дигестивниот систем како храна со голема енергетска моќ бидејќи постигнува ефект на ситост со само една лажица конзумирање.

Сапунот од афион е навистина своевидна атракција која брзо се прошири меѓу нашите потрошувачи со својата моќ на чистење на кожата, но и нејзино хидрирање, спречување на првут на косата и решавање на кожни проблеми како црвенила, иритации и за лекување на повреди на кожата. Сапунот од афион особено е корисен за лица кои се интолерантни на хемиските средства за нега на кожата. 

Имате и новитети, како што се маслата од модра слива, горка и блага кајсија. Кои се бенефитите од нив?

Веќе спомнав дека нашата палета на производи ја проширивме со маслото од кајсија, горка кајсија и модра слива кои се многу барани на пазарот поради нивното антиканцерогено дејство, со оглед на тоа дека го содржат витаминот Б17 кој е најголемиот природен борец против канцерогениоте клетки.

Втората намена на овие масла е нивната совршена моќ на апликација во кожата како средство за редовна нега на лице, тело и раце. Маслото од модра слива се покажа и како многу моќно средство за псоријаза и егзема на кожата. Како новитет на пазарот пред некој месец го лансиравме путерот од семки од тикви кој ги освои симпатиите на нашите потрошувачи во нашата држава, а и во Србија.

Веќе на почетокот од следниот месец ќе промовираме уште три сапуни: сапун од бадем, сапун од семки од тиква и сапун од мешавина кајсија и орев. Сите наши производи имаат лековита моќ на човековото здравје. Уште еден многу важен момент за нашиот погон за производство е дека ние работиме со нула отпад. Тоа значи дека од една суровина добиваме масло, брашно и сапун.

Афионот како култура има долга традиција на овие простори, но последните години производството се намалуваше. Како дојдовте до идеја да го вратите во исхраната?

Афионот на нашите простори има традиција повеќе од еден век. Во тоа време кога афионот се одомаќинил на нашите простори и е пренесен од Турција за брзо време бил препознат како поквалитетен од оригиналното потекло (14 морфиумски единици во однос на турскиот со 7). Маслото произведено од афион било познато како Шарлаган, турски назив за чисто масло. Следува период од повеќе од половина век на експанзија на афионот така да кулминација достигнал во Југославија шеесетите и седумдесетите години кога и легално се режела афионовата чушка и се предавал афионовиот катран на откупни станици. Во тој период афионот заземал огромен дел од целокупната Југословенска економија. Стагнирањето и редукцијата на афионот се случила осумдесетите години кога е ставен под контрола поради злоупотребите на афионовиот катран. За овој момент уште придонесе и преориентација на индустриските капацитети од афионово на производството на сончогледово масло како поевтина суровина. Веќе драстичен пад на производството на афионот се случи по распадот на бившата држава дека се редуцираше и пазарот на оваа благородна земјоделска суровина. Така сега афионот е ставен под контрола на државата и секој регистриран земјоделец со одоборение од МЗШВ може да го одгледува, а се склучува договор со АД Алкалоид за откуп на афионовите чушки.  

Јас потекнувам од радовишко и многу добро го знам ж дејството на афионот на човековото здравје, а водејќи се од истражувањата кои ги направивме сфативме дека на нашиот пазар има недостаток на афионово масло. Иако мојот животен пат го поминав во воената професија решив на крајот од мојата професионална кариера да формирам производствен погон за производство на масла. Заедно, фамилијарно ја реализираме идејата, а фирмата му ја доверив на мојот син Кристијан. 

Вашите продукти се уникатни на нашиот пазар. Како ја развивате технологијата за производство на секој од нив? 

Така е, ние сме единствени на македонската производствена сцена со ваков тип на производи. Имено, технологијата на производство на природни масла ја проучувавме на онлајн презентации и искуства од фирми со слични дејности од околните држави. Кога собравме доволно материјал за да почнеме ваков бизнис ги набавивме машините и почнавеме да се надградуваме во производството. Нормално, секогаш има простор за учење така да тој процес на усовршување не запира и ние прифаќаме предизвици кои итекако би биле проблем за некој што не би бил доволно мотивиран за ваква дејност.

Што е најголемиот предизвик кога се осмислува нов производ, да се обезбеди суровина или да се најде технологија и работен кадар? 

Суровината и технологијата се тесно поврзани проблеми кои се важни за производството на крајните производи. Секако дека имаме проблем со обезбедување на суровина за сите видови на артикли. Засега само афионот го имаме во доволна количина, но со зголемување на производството мислам дека и тука ќе имаме проблем.

За кајсијата и горката кајсија што да се каже кога секоја година овошките страдаат од пролетни мразеви. Посебно е проблем горката кајсија за која имаме побарувања на кои не може да одговориме. Од друга страна пак, заеднички проблем за сите овие јаткасти плодови е кршењето и чистењето. Се уште трагаме за таква машина која ќе ги извршува овие процеси. Сега засега имаме машинка само за кршење наш сопствен проект која ја дизајнираше татко ми, но чистењето го работиме рачно додека не се обезбедиме и со таква машина.

Што се однесува до работната сила сега засега ние фамилијарно успеваме да ги завршиме работните обврски во фирмата, но се надеваме дека процесот ќе го развиеме за да успееме да вработиме и млад амбициозен кадар. 

Како се снаоѓате во условите кои ги има на македонскиот пазар, од можностите за производство, па до маркетинг и продажба?

Со жалење можам да кажам дека условите на македонскиот пазар не се баш поволни за производство. Од една страна на македонскиот пазар се присутни некои производи пандан на нашите од увозно потекло кои се со многу ниски цени. Некои дури се поевтини и од суровината од кои се произведени, а со тоа се поставува прашањето колку се квалитетни. Овде сакам да напоменам дека само ако маслото е чисто тогаш тоа има бенефит по здравјето на луѓето а во поинаков случај може да биде и штетно.

Бидејќи маслата се едни од најфалсификуваните производи на светско ниво не само кај нас, треба да водиме сметка што купуваме. Имено природните масла добиени со ладно пресување како нашите ги задржуваат сите природни корисни состојки минерали протеини и витамини и се богати со незаситени масни киселини кои се неопходни за човековото здравје. Маслата кои се рафинирани и добиени на било кој процес различен од нашиот не содржат корисни состојки, а богати се со заситени масни киселини кои се штетни и предизвикуваат разни заболувања.

Ние успешно се претставуваме на македонскиот пазар, а не помалку успешно и на српскиот, благодарение на нашиот квалитет. За маркетинг ги користиме социјалните мрежи и најголем дел од продажбата оди преку нарачки од нашата ФБ страница „Нутрико“. Добар дел од нашата продажба ние ја реализираме со препораки од луѓето кои се задоволни од нашите производи на кои сме им помогнале. Може да се пофалиме дека се повеќе медицински лица се наши потрошувачи и ги препорачуваат нашите производи на нивните пациенти. Ова е нашиот најголем маркетинг на кој навистина се гордееме.

Сепак, наша најголема сатисфакција се пораките од нашите потрошувачи со многу пофални зборови дека сме им помогнале за нивните здравствени проблеми. Овде може да додадам дека условите за продажба на македонски производи во трговските маркети ни оддалеку не се на потребно ниво.  Заклучивме дека многу мал број на маркети поддржуваат производи кои се автентични македонски и квалитетни. Иако, поддржувајќи ги македонските мали производители на храна, тие директно ќе ја поддржуваат македонската економија, младите да останат во Македонија, а земјоделците да ги обработуваат нивите.   

Какви се вашите планови за во иднина? Ќе имате ли и нови производи?

Секако, имаме планови да го развиваме нашиот производствен капацитет. Искрено се надеваме дека ќе успееме да се докажеме и пред државните органи кои би го препознале нашиот капацитет за да добиеме државна помош. Во нашата визија за развој си поставивме цел да се реализираме и како туристичка дестинација каде на туристите би им ја презентирале нашата традиција, а би го истакнале афионот како препознатлив белег од нашата култура кој е застапен и на Дджавниот грб. Како предизвик ни се некои производи кои се уште ги разработуваме, а се комбинации на нашите масла со ароматични билки (лаванда, рузмарин, нане, маточина). Наскоро се надеваме ќе ги имаме во понудата, па во следната прилика ќе напишеме збор-два и за нив.

Сподели!
- Advertisement -