Според последните податоци на Евростат, Франција е убедливо најголем извозник на алкохолни пијалоци од Европската унија. Во текот на 2024 година Франција извезла 12,1 милијарди евра, од кои најголем извоз биле вината (8,1 милијарди евра) и алкохолните пијалоци и ликерите (3,8 милијарди евра).
Извозот на алкохолни пијалоци претставува значаен дел од надворешно-трговската размена на многу европски земји, но Франција се уште се истакнува како апсолутен лидер. Според податоците на Евростат за 2024 година, вкупната вредност на извозот на алкохолни пијалоци од Европската унија изнесува 29,8 милијарди евра, а речиси половина од таа сума обезбедила Франција со своите 12,1 милијарди евра.
Француската доминација е особено очигледна во винскиот сектор – извозот на вино од свежо грозје, вклучително и збогатените вина, учествува со дури 66,7% од вкупниот француски извоз на алкохолни пијалоци. Покрај виното, значаен удел има и извозот на жестоки пијалаци и ликери, со учество од 31,8%.
После Франција е Италија со 6 милијарди евра извоз, Шпанија со 2,5 милијарди и Холандија со 2,3 милијарди евра. Италија, очекувано, најголемиот дел од извозот го остварува благодарение на виното, додека Холандија се издвојува како водечки извозник на пиво.
Најголеми пазари за европските алкохолни пијалоци се САД, Обединетото Кралство, Кина, Канада и Швајцарија. Само извозот во САД во 2024 година изнесуваше 8,9 милијарди евра, а најбарани производи се вината и жестоките пијалоци.
Овие податоци укажуваат на стабилна побарувачка за европски алкохолни производи на глобалниот пазар, при што традицијата, квалитетот и препознатливоста на брендовите од земји како Франција и Италија играат клучна улога во задржувањето на нивната водечка позиција.
(Eurostat)
(фото: Pixabay)