Германците работат од дома повеќе отколку вработените во други земји, се вели во извештајот на Институтот за економски истражувања IFO со седиште во Минхен, кој беше спроведен меѓу вработени со високо образование во 40 земји. Според анализата, луѓето во Германија работат од дома во просек 1,6 дена неделно, додека глобалниот просек за вработените со полно работно време кои работат најмалку шест часа дневно е 1,2 дена во неделата.
Во Европа, Финска е единствената земја каде што повеќе луѓе работат од дома отколку во Германија, со просек од 1,7 дена неделно. На глобално ниво, работата од дома е најпопуларна во Канада, каде што се работи 1,9 дена во неделата, а во Обединетото Кралство – 1,8 дена во неделата.
Во САД и во Индија вработените работат од дома во просек 1,6 дена неделно, исто како и во Германија, додека оваа форма на работа е најмалку распространета во Јужна Кореја – 0,5 дена неделно, како и во Кина и во Грција, по 0,6 дена неделно.
Речиси во сите земји нивото на работа од дома е еднакво високо и за мажите и за жените.
Истражувањето било спроведено од ноември 2024 година до февруари 2025 година во 40 земји меѓу луѓе на возраст од 20 до 64 години.
Во Франција, Германија, Италија, Обединетото Кралство и во САД вкупниот примерок вклучува повеќе од 2.500 испитаници. Во сите други земји вкупниот примерок вклучува околу 1.000 испитаници.
(Bizlife)
(фото: Flickr)