Времето кое ќе се скрати за формалностите на граничните премини според транспортерите ќе се намали за два дена
Побрз проток на стоките ќе овозможи заедничккото царинење што се очекува годинава да почне со Србија и со Албанија. На граничниот премин Табановце веќе се при крај подготовките. Се работи на железничкиот премин Табановце со Србија, како и на граничниот премин Ќафасан со Албанија. Времето кое ќе се скрати за формалностите на граничните премини според транспортерите ќе се намали за два дена, јавува МИА.
Концептот на заеднички гранични контроли и гранични контроли со едно застанување, значи поедноставени постапки, кои се спроведуваат на еден заеднички граничен премин, при минимален број на застанувања по можност единствено застанување преку кој контролата на патниците, стоката и нивните превозни средства се врши само еднаш на едно место. Со примена на концептот на заедничка контрола се постигнува поголема усогласеност и се олеснува преминувањето на патниците, стоките и превозните средства во патничкиот сообраќај, како и предметите кои патниците ги носат со себе.
Во граничните контроли, претежно се вклучени органите кои се одговорни за контрола на движењето на лица, стока и превозните средства, како и спроведување на царинските формалности со цел да се применат важечките прописи. Повремено, по потреба, се вклучуваат и други надлежни органи за спроведување на други законски прописи од интерес и важност за државата и граѓаните, како што се во областа на јавното здравје.
Според надлежните во примената на овој концепт од исклучително значење претставува користењето на еден заеднички објект на граничниот премин каде се вршат граничните формалности.
„Врз основа на постоечки искуства што се применуваат ширум светот, како и праксата што постои за ваков вид на контроли, покрај тоа што го забрзуваат и олеснуваат протокот на лица и стоки имаат и позитивно влијание врз намалувањето на трошоците за преминување преку државната граница.“, велат од Царинската управа на Република Македонија.
Заедничкото царинење ќе овозможи повисок степен на хармонизација на граничните контроли и унапредена примена на концептот на интегрирано гранично управување, ќе се намали можноста за царински измами, поради непосредниот увид во комерцијалните документи што ја следат стоката, ќе се воведе контрола и вршење на граничните формалности од страна на сите надлежни органи за нивно спроведување, на две соседни држави, при единствено запирање, ќе се забрза протокот на патници, стока и превозни средства на граничните премини каде ваквиот концепт е воведен и ќе се изврши заштеда на ресурси потребни за реализација на концептот.
Воведувањето на заедничкото царинење го поздравуваат транспортерите и велат дека ова е исполнување на едно од нивните барања во текот на изминатите години.
„Ја поздравуваме одлуката за воспоставувањето на заедничкото царинење на граничниот премин Табановце. Една линија еден пат кон Европската Унија. Со ова ќе се поедностават царинските постапки и ќе се забрза и олесни процесот на транспортот и превоз на стоки, капитал и услуги.“, велат од Стопанската интересна заедница за патен транспорт СИЗ „Македонија сообраќај“ – АМЕРИТ.
Заедничка контрола ќе се воведе на граничниот премин Табановце, на железничкиот премин Табановце и на Ќафасан.
„Во моментов се создаваат услови граничниот премин Табановце да се користи како заеднички граничен премин на Република Македонија и Република Србија. По завршувањето на проектот за модернизација на ГП Табановце се согледува можноста овој граничен премин да претставува заеднички граничен премин и за патнички и за стоков промет. За негово воведување се врши координација меѓу засегнатите учесници во постапката и истата се подготвува на експертско ниво, а се подготвува официјална иницијатива за склучување на билатерален меѓународен договор (спогодба) меѓу владите на двете држави. Во истата ќе се дефинираат основните принципи (рамка) на имплементација на концептот, односно за утврдување на граничните процедури. Се очекува паралелно со создавањето на просторни и технички услови и нејзино брзо усогласување.“, изјавиле за МИА од Царинската управа на РМ.
Оттаму посочуваат дека се преземаат активности за реконструкција и оспособување на железничката станица на ГП Табановце за заеднички контроли во железничкиот превоз на патниците, што се планираат за вториот квартал од годинава.
Заедничко царинење со Албанија ќе се воведе на ГП Ќафасан, за што интересот е изразен на заедничката седница на владите на РМ и Република Албанија, одржана во Поградец, на 15 декември минатата година.
Во октомври 2017 година почнаа градежните работи на Проектот финансиран од програмата ИПА (ТАИБ 2013) „Надградба на објектите за царинење и инспекциски органи на граничниот премин Ќафасан“, што се очекува да заврши за 12 месци односно крајот на оваа година. Проектот предвидува градба на нов царински терминал од 9,5 илјади м2, пристапни патишта, објекти за царинење и други инспекциски органи.
Од Царинска управа на РМ истакнуваат дека со реализација на овој инфраструктурен проект ќе се создадат услови за воведување на заеднички контроли и на овој најфреквентен граничен премин кон Република Албанија, лоциран долж Коридорот 8.