Денес во Охрид се финализираше иницијативата за селекција на отпад како дел од активностите кои се основа на Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО) што претставува значаен чекор напред во градењето на одржлив систем за управување со отпадот во Северна Македонија.
За време на денешната теренска посета, беа дистрибуирани преостанатите 120-литарски садови за депонирање селектиран отпад од пластика и хартија со што општинските претставници, претставниците на комуналното претпријатие во Охрид, експертите за управување со отпад, како и претставниците на граѓанската иницијатива „Збогум Буково“ заеднички го одбележаа комплетирањето на иницијативата за селекцијата на отпад во Охрид, нагласувајќи дека одржливите практики имаат најголем ефект кога започнуваат на ниво на заедницата и кога граѓаните се активно вклучени и придонесуваат. Беше потенцирано и дека инвестирањето во одржливо управување со отпад не е само еколошка потреба — тоа е чекор напред кон подобро јавно здравје, почиста животна средина но и кон поголема ангажираност на сите засегнати страни.

Регионалниот систем за управување со отпад е систем кој ќе обезбеди значајни промени и за граѓаните и за животната средина. Со развој на инфраструктура за селектирање и рециклирање, затворање на нелегалните ѓубришта, како и изградбата на регионалните собирни центри и модерни депонии како дел од РСУО, Северна Македонија ќе се приближи до еколошките стандарди на ЕУ. Без итни реформи и посветена акција на сите нивоа, земјата се соочува со сериозна криза со отпадот, а ризиците по животната средина и јавното здравје ќе продолжат да се зголемуваат, загрозувајќи ги и граѓаните, околината, екосистемите и економијата.
Денешното финализирање на активностите покажува дека позитивни промени се можни кога институциите и граѓаните дејствуваат заедно.Акцијата е спроведена како дел од проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво”, поддржан од Шведска, имплементиран од SALAR International.
