Се доближуваме до денот кога ќе можеме да нарачаме такси, а наместо класичен автомобил, да не преземе летало кое брзо и како авион ќе не однесе до саканата дестинација, додека метежот ќе остане под нас. Но, кога зборуваме за такви летечки такси, не мислиме на летечки автомобили, туку на некои големи беспилотни летала кои можат да полетуваат и да слетуваат вертикално како хеликоптер.
Затоа, таквите авиони не можат да се движат по патишта, туку се наменети само за воздушен транспорт. Но, веќе следната година треба да биде достапен вистински летечки автомобил – патно возило кое буквално може да ги рашири крилата и да полета.
Словачката компанија Klein Vision со години работи на ваков патно-воздушен хибрид, а неодамна претстави нов прототип на своето возило AirCar 2, кој е подготвен за производство, иако пред тоа ќе треба да добие уште некои потребни сертификати.
Првиот модел на овој автомобил привлече големо внимание во јавноста откако пред четири години, откако успешно го заврши 35-минутниот лет меѓу двата града. По тој лет развојот продолжи и Klein Vision имплементира бројни и големи подобрувања и сега се на чекор од конечниот модел кој ќе биде достапен за продажба.
Еден од основачите на компанијата, Антон Зајац, најави дека нивниот летечки автомобил ќе се најде во продажба на почетокот на следната година, а јасно е дека нема да биде евтин. Оние кои сакаат да имаат превозно средство со кое ќе можат да возат по патишта, но и да летаат во воздух мора да бидат подготвени да платат од 800 илјади до дури милион долари, во зависност од типот на моторот и некои дополнителни опции. Зајец вели дека веќе има неколку преднарачки од заинтересирани клиенти.
AirCar 2 е долг 5,8 метри, а придвижуван е од нов 1,6-литарски BMW мотор, кој е двојно помоќен (280 КС) во споредба со првиот модел на овој летечки автомобил. Исто така, благодарение на новиот мотор, скратено е времето потребно за полетување и зголемена е брзината на летот од 170 на 250 км/ч, а општата безбедност е значително зголемена кај новиот модел. Нејзиниот вкупен домет е околу илјада километри, според словачката компанија.
Додека е на пат, максималната брзина на автомобилот е 200 км/ч, а потребни се само 1 минута и 20 секунди за да се трансформира AirCar 2 во авион, но ќе му треба и воздушна лента за полетување.
Ова возило, односно авион е резултат на 35-годишна работа на воздухопловниот експерт Стефан Клајн, кој го лансираше првиот AirCar пред девет години и досега има изведено повеќе од 500 полетувања и слетувања, а со ова летало поминал повеќе од 170 часа во воздух. Што се однесува до иднината, неговата визија е летечкиот автомобил, кој моментално се движи со бензински мотор, да биде целосно електричен, но тоа ќе биде можно само кога батериите се доволно добри.
(Daily Mail)
(фото: Klein Vision)