На 19 јуни 2025 година (четврток), во просториите на Europe House Skopje, ќе се одржи Младинскиот форум за економска демократија и сопственост од страна на вработените, отворен за сите заинтересирани за економска правда, фер работни односи и демократско учество во бизнисот.
Настанот го организираат Здружението АРНО од Македонија и Институтот за економска демократија од Словенија, кој важи за водечка институција во регионот во истражување и промоција на модели како што е ESOP – Employee Stock Ownership Plan, форма на сопственост каде вработените имаат удел во компаниите и право на одлучување. Форумот ќе стави фокус на прашања како: дали е можно вработените да бидат и сопственици, каква работна култура посакуваат младите и како изгледа економијата доколку се води според принципите на демократија.
Посебно внимание привлекуваат говорниците на настанот, меѓу кои и Себастјан Пикл од Институтот за економска демократија од Словенија.
„Работничкото ко-сопствеништво не е утопија, туку реалност која успешно функционира во развиените економии. Во САД, преку ESOP модели, над 14,7 милиони работници се ко-сопственици, додека во Обединетото Кралство постојат речиси 2.000 компании со ваква структура. Словенија наскоро ќе го усвои Законот за работнички сопственички задруги, кој ќе го олесни преносот на сопственоста во малите и средни претпријатија, особено во услови на наследствена криза – 40% од сопствениците ќе пренесуваат сопственост во следните десет години, а 66% немаат наследствен план. Горд сум што го носиме ова искуство во Скопје и заедно со АРНО отвораме нов простор за идеи за иднината на трудот и сопственоста,“ изјави Себастјан Пикл од Институтот за економска демократија од Словенија.

„Во регионот, кога зборуваме за социјално претприемништво, најчесто се фокусираме на реинвестицијата на профитот, но многу малку зборуваме за тоа кој управува и носи одлуки. Со овој проект, АРНО сака да ја отвори и таа тема и да им помогне на социјалните претпријатија да изградат фер и одржливи управувачки структури. Интересно е што во моментов моделот кај нас најмногу ги привлече ИТ стартапите, кои имаат поголеми приливи на пари и најчесто се тимови на пријатели што бараат начин како да направат структура фер за сите“, вели Стефани Пренкова од АРНО.
На панелите ќе учествуваат и еминентни говорници од Македонија, меѓу кои професори, активисти, правници, пратеници и претставници на бизнис заедницата (целосна агенда може да се погледне овде). Настанот е бесплатен, а за сите учесници кои патуваат надвор од Скопје е обезбедено покривање на патни трошоци. Работниот јазик е англиски, а местата се ограничени.
Регистрацијата за учество е отворена преку следниот линк: https://docs.google.com/forms/d/1k7VE8gzUzKWw2kmO44C8LmB8CtWvj2d844PStD8G0k8/edit?ts=6825d428.
Форумот е организиран како дел од проектот „Обликување на иднината на трудот: младинска демократска работна средина за општествени промени“, кој е финансиран од Програмата Еразмус+ на Европската Унија. Во рамките на овој проект се развиваат активности и ресурси со цел промовирање на модели за демократско управување и социјални иновации.