Шестиот донаторски кружок на Конект покажа филантропија на дело и ја обедини заедницата на индивидуални филантропи и филантропки кои донираат обмислено. Низ шоу програма водена од Огнен Јанески, вчеравечер, над 120 граѓани и бизниси, поединци, заеднички донираа за влијателни иницијативи на одбрани граѓански организации во нашите заедници. Настанот се одржа во просториите на Македонски Телеком, годинашниот домаќин на донаторскиот кружок.
На настанот се додели грант за справување со последиците од несреќата во Кочани со пожарот во
„Пулс“. 300.300 денари, донации од граѓани и бизниси во донаторскиот фонд на Конект се доделија на Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип за работа на младинските центри од Кочани и Штип.

На кружокот се донираше во живо и се собраа вкупно 683.000 денари од индивидуални и корпоративни донации за следните три одбрани организации за годинашниот донаторски кружок:
Здружение на лица со дијабет Охрид: Расте бројот на деца со дијабет. Кога слатките задоволства се строго забранети, а времето се мери во инсулински дози детството станува поинакво. Се донираше за 500 основци да научат да го чуваат своето и здравјето на другарчињата со дијабет. Така грижата ќе биде споделена, здравата храна „ин“, а во училниците ќе има и кутии за итни случаи со сѐ што е потребно за брза реакција на наставниците.
Здружение До бебе по пат на ин-витро: Имаме сѐ помалку новороденчиња. Животот е во расчекор со биолошкиот часовник, па науката често мора да помогне за да се создаде нов живот. Од редовни инјекции, низ административни лавиринти и многу обиди одново – патот на биофертилизација не е лесен. „До бебе по пат на ин-витро“ сега ќе им помага на 70 сограѓан(к)и да си ја остварат желбата да бидат мама или тато. Се донираше за бебенцата што сѐ уште се на пат.
ХОПС – Опции за здрав живот: 70% од младите експериментираат со дроги, а не знаат како да се заштитат во ризични ситуации. Благодарение на донациите за ХОПС, нивните стручни лица ќе станат први другар(к)и во ноќните клубови, парковите и фестивалите. Да одговорат на сите скришни прашања со проверени информации, да помогнат и отворат можност за поддршка. Се донираше за безбедна младешката љубопитност и поддршка на здрави животни избори.
Граѓаните донираа, а бизнисите „Фондација Телеком за Македонија“, „Цементарница УСЈЕ АД Скопје“,
„ЕВН“, „Фармахем“, „Везе Шари“, „Уника Лајф АД“ ги удвојуваа вредностите на нивните донации. Низ забава, се донираше за песна, донираа деца, млади и возрасни. Конект се заблагодарува за сите донации во облик на средства, волонтерство и менторство за организациите.
„Можностите за финансирање за граѓанските организации се сериозно намалени. Во време на сериозни предизвици за граѓанскиот сектор, секогаш кога имате можност помогнете на граѓанска организација , било финансиски, било со волонтирање или на друг можен начин. Ова го прави кружокот уште поважен и дава можност граѓаните солидарно и здружено да им овозможат на организациите да ги одржат своите програми.“ – изјави г-га Никица Кусиникова, извршна директорка на Конект.

Здружението Конект со овие три организации ќе потпише договор за донација и ќе го следи нивното работење во однос на остварување на целта за која е доделена донацијата. Донациите се отворени и може да се донира за една од трите организации. За повеќе информации обратете се во Конект на 02/3224 198 или на konekt@konekt.org.mk и паметно вложете ја својата донација.
Донаторскиот кружок се реализира по заштитена медодологија и со поддршка на The Funding Network каде Конект е асоцијативна членка.