Промената во нееднаквоста во богатството низ Европа од 2008 до 2023 година варираше во зависност од земјата, покажа најновиот Извештај за глобалното богатство 2024 објавен од швајцарската банка UBS.
Додека во некои земји јазот меѓу богатите и сиромашните значително се зголеми, други бележат мало намалување
Според податоците од Европската централна банка (ЕЦБ), најбогатите 10% од населението во Еврозоната поседувале 57,3% од вкупното нето богатство на домаќинствата во последниот квартал од 2024 година – што е за 2,8 процентни поени повеќе отколку во 2009 година, кога поседувале 54,5%.
UBS истакнува дека нееднаквоста се зголемила во повеќето земји од Источна Европа, додека податоците за Западна Европа се „екстремно мешани“, објавува Investor, а пренесува порталот Б92.
Извештајот опфаќа 12 европски земји, користејќи го индексот Џини како главен индикатор. Колку е поголема вредноста на индексот Џини, толку е поизразена нееднаквоста во распределбата на богатството (вредност од 0 значи целосна еднаквост)
Во 2023 година, индексот на богатство Џини се движеше од 46 во Белгија до 75 во Шведска. Шведска забележа највисока нееднаквост во богатството, по што следуваат Германија (68), Швајцарија (67) и Австрија (65).
Белгија беше екстремен исклучок со најнизок индекс (46), што укажува на најрамномерна распределба на богатството. Следни се Италија и Шпанија, обете со индекс од 57. Големите економии како што се Франција (59) и Обединетото Кралство (61) беа под просекот од 62,1 за 12-те испитани земји. Данска (62), Финска (64) и Холандија (64) беа околу просекот.
Набљудувајќи ги промените во индексот Џини од 2008 до 2023 година, се доаѓаат следните заклучоци:
Финска забележа најголемо зголемување – 21% (од 53 на 64)
Шпанија зад неа – 20% (од 47 на 57)
Италија порасна за 15% (од 50 на 57)
Данска за 11% (од 56 на 62)
Велика Британија за 8%
Франција за 5%
Шведска, иако сè уште најнефер, забележа мало зголемување од само 1%.
Белгија најмногу ја намали нееднаквоста
Од 12-те анализирани земји, пад на нееднаквоста е забележан во пет: Белгија, Германија, Австрија, Швајцарија и Холандија.
Иако индексот Џини дава целосна слика, тој не ги опфаќа екстремните разлики – па затоа уделот во богатството што го поседуваат најбогатите 10% нуди појасна слика.
Според извештајот на UBS од 2023 година (за податоци од 2022 година):
Во Шведска, првите 10% поседуваат 74,4% од вкупното богатство
Во Белгија, само 43,5%
Во Германија – 63%
Во Швајцарија – 62,5%
Фото – Flickr