Очилата RayNeo X3 Pro Smart Glasses, напојувани од најновиот чип Snapdragon AR1+, се способни да извршуваат широк спектар на задачи — од давање информации за состојки на јадења до обезбедување одговори во реално време. Според Qualcomm, овие очила претставуваат вистински автономни уреди.
Иако концептот на паметни очила со вграденa вештачка интелигенција не е сосема нов, пристапот на Qualcomm е револуционерен: ги елиминира потребите од постојана интернет-конекција или поврзаност со мобилен телефон. Сета обработка на податоци и генеративна интелигенција се изведува локално, директно на самиот уред, без зависност од облачни сервиси или надворешен хардвер.
Оваа технологија беше претставена на AWE USA, водечката светска конференција за XR технологии, каде Qualcomm демонстрираше како очилата можат да помогнат при купување намирници — давајќи информации за состојки на одредено јадење, директно пред корисникот.
Дополнително, визијата на Qualcomm за on-glass GenAI технологија отвора нови можности за развој на мали, автономни уреди кои функционираат без интернет, облак или мобилен телефон — правејќи ги навистина „паметни“.
Иако актуелните паметни очила не се гломазни, сепак сè уште не се доволно елегантни како обичните очила. Новиот Snapdragon AR1+ овозможува создавање потенки и полесни уреди, благодарение на поддршката за мали јазични модели, како Llama 1B, што значително ја намалува потребата за моќен хардвер.
Според компанијата, Snapdragon AR1+ е 26% помал од претходните генерации, со подобрувања во енергетската ефикасност и квалитетот на сликата. Иако не се објавени конкретни детали за достапноста на производи базирани на овој чип, демонстрацијата служи како силен доказ за потенцијалот на технологијата.