Дамаск, главниот град на Сирија, е прогласен за најлош град во светот за живеење, според извештајот на Economist Intelligence Unit (EIU). Иако со години е на дното на рангирањето по квалитетот на животот, 2025 година носи нови причини зошто секојдневниот живот во овој град е далеку од каква било форма на нормалност.
Со повеќе од една деценија војна зад себе, Сирија сега е уништена земја. Речиси 90% од населението живее под прагот на сиромаштија. Економијата е речиси целосно уништена, валутата ја загуби својата вредност, а инфлацијата незапирливо расте, пишува AP News.
Во јуни оваа година сириската фунта падна на речиси 3.000 за американски долар, што е најниско ниво од почетокот на војната. Оние кои се уште имаат работа, како државни службеници и инженери, земаат плати кои едвај се доволни за да издржат неколку дена.
Но, економскиот колапс е само дел од проблемот. Дамаск се соочува и со тешка инфраструктурна криза. Оваа година градот беше погоден од најсувата зима од 1956 година, оставајќи ги клучните извори на вода речиси суви. Жителите во некои населби имаат пристап до вода само по 90 минути дневно. Водата од цистерните стана секојдневие, но често не се пие. Во исто време, честите и долготрајни прекини на струја ги оневозможија електричните пумпи, греењето и основните секојдневни активности.
Јавниот превоз практично не постои, а образовниот систем е во колапс. Младите масовно ја напуштаат земјата, не гледајќи иднина во град во кој, како што велат, повеќе не е возможно нормално детство. Оние кои остануваат често го прават тоа затоа што не можат да заминат, но и затоа што чувствуваат должност кон своите семејства.
Безбедносната состојба дополнително го влошува секојдневниот живот. Иако фронталните судири во самиот Дамаск во голема мера престанаа, граѓаните продолжуваат да живеат под репресивен режим кој ги задушува сите критики. Бројни невладини организации документираа случаи на самоволни апсења, исчезнувања и тортура во затворите. Дамаск оваа година повторно се најде на дното на рангирањето за безбедност и слобода на медиумите.
И покрај тешките услови во земјата, според Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР), речиси два милиони Сиријци се вратиле во своите домови до крајот на април 2025 година. Вкупниот број на присилно раселени луѓе ширум светот е малку намален на 122,1 милиони, во споредба со рекордните 123,2 милиони на крајот на 222 година.
УНХЦР предупредува дека понатамошниот тек на враќањето на бегалците е неизвесен и зависи од исходот на големите глобални конфликти како оние во Судан, Украина и Мјанмар. Меѓународните авиокомпании како Qatar Airways и Turkish Airlines повторно слетуваат во Дамаск, а првите туристи веќе пристигнаа на почетокот на 2025 година. И покрај овој оптимизам, повеќето западни влади и понатаму силно ги советуваат своите граѓани да не патуваат во Сирија. Американскиот Стејт департмент предупредува на висок ризик од тероризам, киднапирања и граѓански немири. Иако ситуацијата во Дамаск е донекаде стабилизирана, градот сè уште ги носи лузните од повеќегодишните конфликти.
(Bizlife)
(фото: Flickr)