Денес, со промотивен настан Македонија го одбележа пристапувањето кон WorldSkills Europe, најголемата европска платформа за извонредност во вештини и стручно образование. Настанот беше во коорганизација на Министерството за образование и наука, Центарот за развој на стручното образование, како и швајцарскиот проект „Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е@мк“.
„Целиме кон извонредност во средното стручно образование, кое повеќе не е алтернатива, туку прв избор меѓу младите. Донесовме нов Закон со кој го уредивме концептот на дуално образование, го зголемуваме бројот и ги јакнеме регионалните центри за средно стручно образование. Во соработка со коморите го зголемуваме бројот на компании вклучени во практичните обуки и воведуваме нови струки согласно потребите на стопанството. Обезбедивме буџет од 50 милиони денари за 1.570 стипендии по 3.500 денари, во период од 9 месеци, за учениците кои во новата учебна година ќе се запишат во дуални паралелки“, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа посочи дека заложбите за поквалитетно стручно образование имаат одличен одраз, односно трендот на постојан раст на бројот на ученици продолжи и во јунски уписен рок, со повеќе од двојно запишани ученици во средните стручни училишта, споредено со гимназиите. Според неа, приклучувањето на Македонија кон престижната европска платформа World Skills Europe ќе овозможи дополнителен напредок на квалитетот на стручната едукација во земјата.

Преку членството во WorldSkills Europe, Македонија станува дел од заедница од 34 земји што вложуваат во стручни вештини, младинска едукација и конкурентност на трудовите пазари. Платформата им овозможува на младите да се натпреваруваат на европски и светски нивоа, но и на институциите да го унапредат квалитетот на стручното образование преку размена на искуства, политики и практики.
Амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. Вероник Улман, ја истакна долгогодишната поддршка на Швајцарија кон реформите во стручното образование во земјава, нагласувајќи ја важноста на дуалното образование, вклученоста на приватниот сектор и пристапувањето кон WorldSkills Europe.
„Бевме фацилитатори на зачленувањето на Северна Македонија во WorldSkills Europe затоа што веруваме дека преку оваа платформа земјата ќе има континуиран пристап до добри европски практики во стручното образование и обука. Тоа ќе придонесе за посилен и пофлексибилен систем. Воедно, WorldSkills претставува уникатна можност младите таленти да ги покажат своите вештини и компетенции пред пошироката јавност.“
Покрај тоа, на настанот беше споделено искуството на Хрватска како земја членка, со посебен фокус на вредноста од вмрежувањето, мотивацијата на младите и можностите за размена на добри практики. Посебно беше истакната важноста од координација меѓу институциите, училиштата и компаниите за натамошно јакнење на стручното образование.
По ратификацијата на членството наесен, следуваат подготовките за првото учество на македонски ученици на EuroSkills натпреварите, каде што ќе имаат можност да се натпреваруваат на европско ниво и да го покажат својот талент.