За луѓето со дијабетес тип 1 хипогликемијата, или нискиот шеќер во крвта, е постојана закана. Кога нивото на гликоза паѓа премногу ниско, тоа може да биде опасно по живот, а стандардниот третман е инјекција на глукагон, панкреасен хормон вклучен во метаболизмот на јаглехидратите.
Како итно решение кога пациентот не сфаќа дека шеќерот во крвта му паѓа на опасни нивоа, инженерите на МИТ дизајнираа имплантабилен резервоар кој може да остане под кожата и да ослободува глукагон кога нивото на шеќер во крвта ќе се намали премногу.
Овој пристап би можел да помогне и кога се јавува хипогликемија за време на спиењето или кај деца со дијабетес, кои не се во можност сами да си даваат инјекции.
„Ова е мал уред за итни случаи кој се вметнува под кожата и е подготвен да одговори ако шеќерот во крвта на пациентот падне премногу ниско. Нашата цел беше да создадеме уред кој е секогаш подготвен да го заштити пациентот од низок шеќер во крвта. Веруваме дека ова може да помогне и во ублажување на стравот од хипогликемија што го чувствуваат многу пациенти и нивните родители.“ вели Даниел Андерсон, професор по хемиско инженерство на МИТ и главен автор на студијата.
Истражувачите покажаа дека уредот може да се користи и за испорака на итни дози на епинефрин, лек што се користи при срцеви удари и тешки алергиски реакции како што е анафилактичен шок.
Уредот со големина на паричка содржи мал 3Д печатен полимерен резервоар за лекот. Резервоарот е запечатен со специјален материјал познат како легура со меморија на форма, која ја менува формата кога се загрева. Во овој случај се користи легура на никел-титаниум, која се витка од рамна форма во U-форма на 40°C.
Бидејќи глукагонот брзо се распаѓа во течна форма, тимот на МИТ развил прашкаста форма која е постабилна и може да остане во телото подолго време.
Секој уред може да содржи од една до четири дози глукагон и вклучува антена подесена на одредена радиофреквенција. Ова овозможува безжично активирање со загревање на легурата, која ја ослободува содржината на резервоарот.
Благодарение на безжичната врска, уредот може да се поврзе и со глукометри, кои автоматски ја активираат испораката на лекот кога нивото на шеќер во крвта ќе падне под зададена граница.
„Една од клучните предности на таков дигитален систем за испорака на лекови е тоа што може да комуницира со сензори. Во овој случај, технологијата за континуирано следење на гликозата, која многу пациенти веќе ја користат, може лесно да се интегрира со овој уред.“.вели Кришнан.
По имплантирањето на уредот кај дијабетични глувци, истражувачите го стимулирале ослободувањето на глукагон како што нивото на шеќер во крвта паѓало. За помалку од 10 минути нивото на шеќер се стабилизирало, останувајќи во нормални граници и спречувајќи хипогликемија.
Уредот бил тестиран и со прашкаста форма на епинефрин. По 10 минути испорака нивото на епинефрин во крвта се зголемило, а срцевиот ритам се забрзал.
Во студијата уредите останале имплантирани до четири недели, а сега истражувачите планираат да тестираат дали можат да го продолжат нивниот животен век на најмалку една година. Планираат и дополнителни студии на животни и се надеваат дека ќе започнат клинички испитувања во рок од три години.
(Vidi.hr)