На археолошкиот локалитет Стоби овие денови повторно оживува духот на античкиот свет. Под водство на м-р Василка Димитровска – археолог и сертифициран тренер за интерпретација на наследство – се реализираат креативни работилници за реконструкција на римски социјални игри и оружје.
Работилниците се дел од поширокиот концепт на „Оживеана историја“, чија цел е да се внесе нов живот во практиките од минатото и да се изгради мост меѓу науката, образованието и јавноста. Во процесот активно се вклучени и археологот Иван Илиќ од Србија, како и Дамјан Серафимовски од Музејот на Град Скопје. На овој начин, Стоби прераснува во отворена сцена каде историјата не само што се изучува – туку се доживува и чувствува.
Дел од реконструираните елементи ќе бидат интегрирани во едукативните програми на „Storytelling Macedonia“, преку кои наследството се доближува до современата публика со наративна интерпретација, практични активности и директно искуство.
