„Playful Pages“ е ученичка компанија основана од пет ученици од Општинското средно училиште „Јовче Тесличков“ од Велес кои годинава победија во конкуренција со 70 средношколци од 11 училишта на Националниот натпревар на ученички компании на Џуниор Ачивмент Македонија. Нивната идеја беше сликовница „Стари детски игри“, замислена како спој на традиција и иновација во која се оживуваат 25 детски игри од минатото, како „каладонт“, „ластик“ и други. Сликовницата има две верзии – стандардна и инклузивна, наменета за деца со дислексија.
„Playful Pages“, иако е ученичка, функционира како вистинска компанија. Ива Петровска е генерален директор и главниот илустратор. Таа црта и сака да студира дизајн. Ангела Анастасова е маркетинг менаџер и одговорна за визуелниот изглед на сликовницата. Љубител е на креативни проекти и планира да се запише на студии по дигитален маркетинг или мултимедија. Искра Ризовска е менаџер за финансии и гласот на аудио верзијата и сака да се образува во областа на менаџмент и социјално претприемништво. Симона Крстевска беше одговорна за комуникација на социјалните мрежи и продажба, а страст ѝ се медиумите и јавните настапи. Максим Чукниев е техничката поддршка и креатор на веб-страницата. Тој во иднина се гледа како ИТ експерт кој ќе создава алатки што го олеснуваат животот.
Овие креативни млди луѓе не застануваат тука. Сликовницата ќе ја преведат на повеќе јазици, за да ја приближат до што повеќе деца. Работат и на нова игра со карти за учење множење за која велат дека ќе ги носи вредностите што веќе ги поставиле: традиција, образование, вклученост и креативност.
На главната фотографија, од десно кон лево – Симона Крстевска, Ива Петровска, Максим Чукниев, Ангела Анастасова, Искра Ризовска
Разговараше – Сања Наумовска
Раскажете ни што е „Playful Pages“?
Радмила Андовска, ментор на ученичката компанија: „Playful Pages“ е ученичка компанија основана од пет ученици од Општинското средно училиште „Јовче Тесличков“ од Велес. Тие ги здружија своите вештини, креативност и ентузијазам со една заедничка мисија – да го вратат значењето на играта, детството и традицијата. Главната дејност на компанијата е креирање сликовници и едукативни материјали кои промовираат културно наследство, социјална инклузија и игра како облик на учење.
Нашиот најзначаен производ е сликовницата „Стари детски игри“, која постои во две верзии – стандардна и инклузивна. Двете верзии содржат QR-кодови преку кои може да се пристапи до видеа со игрите и аудио-снимки од текстовите од сликовницата. Инклузивната верзија користи фонт погоден за деца со дислексија, соодветен контраст и симболи за полесно разбирање, овозможувајќи пристапност и за деца со развојни тешкотии. Сликовницата е илустрирана со оригинални цртежи изработени од учениците, што ѝ дава посебна автентичност. Тимот работи како вистинска компанија – секој член има своја улога и одговорности. Преку „Playful Pages“учениците стекнаа знаења за претприемништво, маркетинг, продажба и работа во тим. Оваа компанија не е само проект – тоа е приказна што сака да го врати детството таму каде што му припаѓа: во дворот, на улицата, со игра и насмевка.

Од каде ви дојде инспирацијата да започнете да работите на еден ваков проект?
Ангела Анастасова, член на тимот: Идејата произлезе од секојдневието околу нас – децата се сè почесто пред екрани, а сè поретко на игралиштата. Тоа нè натера да се запрашаме што се случува со игрите што ние сме ги играле како мали. Направивме истражување со ученици од четврто одделение од ООУ „Панко Брашнаров“ и заклучивме дека голем дел од нив не знаат ништо за тие игри. Тоа беше доволно да нè мотивира да ги „оживееме“. Разговаравме со родители, баби и дедовци, наставници, соседи и почнавме да ги собираме игрите како вистински скапоцени приказни од минатото. Сакавме да понудиме нешто модерно, достапно и корисно – па така дојдовме до идејата за сликовница со QR-кодови, видеа, аудио, симболи и инклузивен фонт. Нашата инспирација беа децата и нивната искрена реакција кога повторно почнаа да играат. Тоа беше доволно за да знаеме дека сме на вистинскиот пат.
Кои игри ги содржи сликовницата и зошто ги избравте токму тие?
Ива Петровска, член на тимот: Сликовницата содржи 25 традиционални детски игри, избрани внимателно преку истражување и интервјуа со повозрасни генерации, наставници и ученици. Тоа се игри како „слепа баба“, „челик“, „кцканка“, „горенка“, „план“, „каладонт“, „ластик“ и други. Сите се безбедни, забавни и не бараат скапа опрема – може да се играат на улица, во двор или во училница. Ги избравме токму тие игри затоа што го негуваат движењето, социјализацијата, тимската работа и креативноста. Преку играта децата учат како да комуницираат, како да се договараат, да ги почитуваат правилата и да се развиваат психофизички. Сите се прикажани со оригинални илустрации и збогатени со QR-кодови за видео и аудио-доживување, што ја прави сликовницата интерактивна и прилагодена на различни потреби.

Кои беа целите што сакавте да ги постигнете со вашата сликовница?
Симона Крстевска, член на тимот: Нашата цел беше да ја вратиме играта како вистинска вредност во животот на децата. Сакавме да покажеме дека не е потребна апликација или скап уред за да се биде среќен и активен. Сликовницата ја замисливме како спој на традиција и иновација. Инклузивната верзија, која вклучува симболи и фонт за дислексија, е доказ дека секое дете треба и може да биде вклучено во играта. Дополнителните аудио и видео-материјали ја прават сликовницата достапна и интерактивна. Сакавме и наставниците и родителите да ја користат – како ресурс за едукација, дружење и игра. Најголемата победа за нас е кога ќе видиме дете што игра игра што не ја знаело – и се смее.
Каде и како ја гледате економската димензија на сликовницата? Што предвидува вашиот бизнис-план?
Максим Чукниев, член на тимот: Бизнис-моделот на нашата компанија е едноставен, но одржлив. Приходите доаѓаат од продажба на електронски и физички примероци на сликовницата. Цената на печатената сликовница е 200 денари на настани и 270 денари во редовна продажба. Нашите трошоци за печатење се сведени на минимум благодарение на поддршката од училиштето и тоа што учениците самите го прават дизајнот и илустрациите. Планиравме разумна добивка од околу 10% по продаден примерок – доволна за да ги покриеме трошоците и да инвестираме во нови проекти. Размислуваме и за поставување на сликовницата во книжарници и онлајн-платформи. И покрај тоа што сме ученичка компанија, функционираме како вистински тим со визија и план.
Какви се условите за младите во земјата што сакаат да развиваат бизнис и иновативни идеи? Кои се најголемите предизвици на патот?
Радмила Андовска: Младите во нашата земја имаат потенцијал што само чека да биде препознаен. Кога ќе добијат можност, тие можат да создадат производи што се и иновативни и општествено корисни. Имаат идеи, енергија, креативност и огромна желба да направат разлика. Потребна им е само вистинска поддршка и насока. Позитивен пример за тоа е програмата за ученички компании, дел од Џуниор Ачивмент Македонија, каде што младите учат како да основаат ученичка компанија додека се во средно образование. Тие добиваат знаења за економија, менаџмент, маркетинг, работа во тим и јавен настап – сето тоа низ учење преку работа и искуство. Ние, како ментори, гледаме колку брзо напредуваат и како расте нивната самодоверба. Тоа што им се овозможува на учениците да се претстават и на европски натпревари е навистина голема мотивација.
Секако, предизвици има – финансиски, технички, но и соодветно препознавање на младиот глас во пошироката заедница. Дел од тие предизвици ги надминуваме со поддршка од училиштето, општината и понекогаш од други институции. Често недостасува долгорочна и системска поддршка по завршувањето на програмата. Би било добро да постојат фондови и програми и за продолжување на најуспешните ученички проекти и бизнис-идеи. И покрај сè, младите покажуваат дека можат многу – само треба да им се верува. „Playful Pages“ е доказ дека идеја родена во училишна клупа може да стигне и до европска публика.

Годинава се претставивте на Џуниор Ачивмент Македонија. Каков натпревар е тоа?
Љупка Панчевска, извршен директор: Секоја учебна година, Џуниор Ачивмент Македонија, организира Национален натпревар на ученички компании каде средношколците предводени од одговорниот наставник имаат можност да презентираат што сработиле во текот на учебната година, и да се натпреваруваат за прва награда и учество на Европскиот натпревар. ”Playful Pages “ од средното училиште ОСУ „Јовче Тесличков“ од Велес ја понесе победата годинава во конкуренција со 70 средношколци од 11 училишта, кои беа дел од Програмата за ученичка компанија. ”Playful Pages “ имаа можност да се претстават на најголемиот фестивал на Џуниор Ачивмент Европа, кој го слави претприемништвото и достигнувањата на младите во Европа, од 1-3 јули во Атина, Грција. Учеството на Европскиот натпревар за учениците и наставникот-ментор е награда за нивната работа во текот на годината и создава можност за размена на искуства, идеи и вмрежување со повеќе од 800 директни учесници од Европа.
Неодамна бевте на европскиот фестивал за претприемништво Gen-E 2025 во Атина. Какво беше тоа искуство за вас?
Ангела Анастасова, член на тимот: Учеството на Gen-E 2025 во Атина беше исклучително и незаборавно искуство за сите нас. Тоа не беше само натпревар, туку вистински фестивал на младинска енергија, иновации и претприемачки дух. Имаше претставници од над 40 земји, секоја со своја приказна, производ или услуга, и атмосферата беше инспиративна од самиот почеток. Како ученичка компанија од едно средно училиште од Велес, горди сме што имавме можност да ја претставиме нашата идеја – сликовницата „Стари детски игри“- пред европска публика.
Посетителите беа исклучително заинтересирани за нашиот концепт, особено за инклузивниот пристап и интеграцијата на QR-кодовите со видеа и аудио-записи. За нас беше важно што Европа слушна за нашата сликовница и што таа привлече внимание токму поради приказната што ја носи – враќање кон детството, традицијата и прифаќањето. Gen-E ни даде нова перспектива – видовме што значи вистинско поврзување, како изгледа професионална презентација на меѓународен настан и колку е важно да веруваш во тоа што го создаваш. Иако не освоивме награда, стекнавме искуство што не се мери со признанија. Заминавме од Атина со гордост, нови пријателства, идеи и уште поголема желба да продолжиме да работиме на нашата визија.

Какви се вашите планови за иднината?
Искра Ризовска, член на тимот: Првиот план ни е да ја преведеме сликовницата на повеќе јазици, со акцент на дијаспората – за децата што живеат надвор од Македонија, а сакаат да ја запознаат својата култура преку игра. За натпреварот во Грција веќе ја преведовме на англиски јазик. Покрај тоа, веќе работиме на нова идеја – игра со карти за учење множење. Тоа ќе биде забавна, едукативна игра со визуелен дизајн сличен на нашата сликовница, прилагодена за различни нивоа на знаење. Сакаме да останеме верни на вредностите што ги поставивме: традиција, образование, вклученост и креативност. Во иднина се надеваме дека ќе изградиме бренд што ќе биде препознаен по срцето што го вложуваме во секој наш производ.
