Привремените тетоважи повеќе не се само за деца, туку се популарни и кај возрасните кои не сакаат трајно да бидат обележани. Истражувачи кои објавија студија во списанието ACS Sensors создадоа своја привремена налепница за тетоважа која има скриена, но потенцијално спасоносна цел: откривање на присуство на дрога за силување GHB, со цел да се спречи сексуален напад.
Консумирањето пијалоци збогатени со дрога, вклучувајќи “рохипнол” (познат како roofies) или GHB, додека пиете во друштво претставува постојана опасност, дури и меѓу пријатели и познаници. Дрогите се безбојни и без вкус, предизвикувајќи жртвата да се чувствува во слична состојба како прекумерното пиење, што може да ги направи луѓето ранливи на сексуален контакт без согласност или сексуален напад.
Луѓето можат да се заштитат себеси со тестирање на своите пијалоци со специјализирани ленти или картички кои ја менуваат бојата кога се изложени на овие дроги, но моменталните тестови често се незабележливи или се потребни неколку минути за да се покаже резултатот, што претставува дополнителен ризик. Затоа, Гјеонг-Џи Ким, Џаи Еун Ан, Кјонг-Чол Ко, Ох Сеок Квон и нивните колеги се зафатија со развој на тест со брзо дејство за GHB што може да се носи на кожата со помош на налепница слична на тетоважа.
За да ги создадат налепниците, истражувачите поставиле калап врз тенок пластичен лист украсен со дизајн сличен на тетоважа. Тие истуриле гел смеса во калапот што содржел хемиски рецептор кој станува црвен кога детектира GHB. Потоа ја премачкале задната страна на налепницата со разреден леплив раствор за да може да се залепи на кожата.
Истражувачите ја тестирале способноста на налепницата да детектира мали количини на GHB во различни пијалоци: виски, вотка, пиво, соџу (корејски алкохолен пијалок) и кафе. За секунда таа гја детектирала дрогата во концентрации далеку под нивото што би предизвикало сериозни физиолошки симптоми: 0,01 микрограм GHB во 1 милилитар од пијалокот.
Во пракса, корисникот можел да го натопи прстот во пијалок, да ја допре капката до налепницата и да го види резултатот речиси веднаш.
Налепницата покажува позитивен резултат до 30 дена по откривањето, што може да биде важно доколку е потребна како доказ во кривична постапка против сексуален престапник. Истражувачите велат дека нивната технологија за налепници е евтина и лесна за производство и наскоро би можела да биде комерцијално достапна.
(Vidi.hr)
(фото: Heute.at)