Германските компании имаат потешкотии да најдат квалификувани работници, е заклучокот од извештајот објавен денес од Институтот за економски истражувања IFO од Минхен. Во јули, 28,1 процент од компаниите изјавиле дека не се во можност да ги пополнат работните места со потребниот персонал, што е мало зголемување во споредба со априлските 27,2 проценти.
„Недостатокот на квалификувана работна сила повторно се зголеми – и покрај слабата економија“, рече Клаус Волрабе, раководител на истражувањата во Минхенскиот институт. Тој предупредува дека проблемот ќе се влоши на долг рок поради демографските промени.
Најизразен дефицит е забележан во германскиот услужен сектор, каде што 33,7 проценти од компаниите пријавиле тешкотии, што е зголемување во споредба со априлските 32,9 проценти. Логистиката особено се издвојува – повеќе од половина од компаниите, 51,3 проценти, не успеваат да најдат доволно квалификувани работници. Ситуацијата е уште покритична во правниот и даночниот консалтинг и ревизијата, каде што дури 72,7 проценти од компаниите имаат проблем со недостаток на персонал.
Спротивно на тоа, ИТ услугите покажуваат подобрување – 21,3 проценти од компаниите пријавиле проблем, додека пред две години таа бројка беше околу 50 проценти. Во германската индустрија, уделот на погодените компании се зголемил од 17,9 проценти на 19,3 проценти. Недостатокот на работна сила најмногу влијае на прехранбената индустрија 26,2 проценти, производителите на метални производи 25,3 проценти и машинската индустрија 22,5 проценти.
Исклучок е автомобилскиот сектор на Германија, каде што бројот на компании со проблеми со персоналот се намалил од 20,9 проценти на 14,5 проценти, што е поврзано со процесот на реструктуирање, според веб-страницата на IFO. Не е поштедена ниту трговијата – тешкотии во пополнувањето на работните места забележува секоја четврта компанија (малопродажба 25,3 проценти, големопродажба 23,3 проценти).
Во германската градежна индустрија, недостигот дополнително се влоши: во јуни, 28,3 проценти од компаниите наведоа проблем со квалификувани работници, што е зголемување во споредба со априлските 27,3 проценти.
Фото – px4Free