Американскиот претседател Доналд Трамп ја отпушти гувернерката на Централната банка (ФЕД), Лиза Кук со образложение дека постојат доволно докази оти Кук дала лажни изјави во врска со барањата за хипотеки. Во официјално писмо до гувернерката, кое Трамп го објави на својата платформа Тruth Social, меѓу другото се вели: „Вашето однесување покажува груба небрежност во финансиските трансакции, што ја доведува во прашање вашата компетентност и доверливост како финансиски регулатор.“
Шефот на надзорниот орган за пазарот на хипотеки (ФХФА), Вилијам Пулт, претходно изнесе обвинувања против Кук. Министерството за правда на САД подоцна објави дека го истражува ова прашање.
Отпуштањето на Кук претставува ескалација на напорите на Трамп да го преобликува раководството на Централната банка во согласност со неговата визија, првенствено за да се постигне намалување на основната каматна стапка. Трамп со месеци се залага за ова, но без успех. Пониските каматни стапки би го намалиле националниот долгна САД и би ја стимулирале економијата, но тие исто така би го зголемиле и ризикот од инфлација. Затоа, Одборот на ФЕД досега се двоумеше. Повиците на Трамп до претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел, да поднесе оставка беа неуспешни. А неговите закани дека ќе го отпушти доколку е потребно досега не беа одговорени.
Според медиумските извештаи, ова е првпат во историјата на Централната банка претседател да отпушти гувернер на ФЕД. Претседателот има ограничено овластување да отпушта службеници на централната банка. Според неодамнешната пресуда на Врховниот суд, за такво нешто е потребно сериозно прекршување на службената должност. Одлуката на Трамп сè уште може правно да се оспори.
Фото – Flickr