Бројот на луѓе над 100 години во Јапонија се искачи на рекордно високо ниво од речиси 100.000, соопшти владата. Новиот рекорд е поставен 55-та година по ред, со 99.763 стогодишници во септември, соопшти Министерството за здравство во петокот. Од тој број, 88% се жени.
Јапонија има најдолг животен век во светот и често е дом на најстарите живи луѓе, иако некои студии го оспоруваат точниот број на стогодишници во светот.
Исто така, таа е едно од општествата што најбрзо стареат, каде што жителите генерално се хранат поздраво, но со многу ниска стапка на наталитет. Најстарата личност во Јапонија е 114-годишната Шигеко Кагава од Јаматокоријама, предградие на Нара. Најстариот маж е Кијотака Мизуно, 111, од крајбрежниот град Ивата.
Министерот за здравство, Такамаро Фукока, им честиташе на жените и мажите за нивната долговечност и изрази благодарност за нивниот долгогодишен придонес во општеството. Бројките беа објавени пред Денот на старите лица на 15 септември, национален празник кога новите стогодишници добиваат картичка и сребрен пехар од премиерот. Оваа година 52.310 лица добија такви награди, соопшти министерството.
Во 1960-тите години Јапонија имаше најмал процент на луѓе над 100 години меѓу земјите од Г7, но тоа драматично се промени во децениите што следеа. Кога владата го започна своето истражување за стогодишници во 1963 година, имаше само 153 стогодишници. Тој број се зголеми на 1.000 до 1981 година и достигна 10.000 до 1998 година.
Дилговелниста во голема мера се припишува на помалкуте смртни случаи од срцеви заболувања и најчестите форми на рак, особено рак на дојка и простата. Јапонија има ниски стапки на дебелина – клучен фактор кај обете болести – благодарение на исхраната со ниска содржина на црвено месо и богата со риба и зеленчук. Дебелината е особено ретка кај жените, што делумно објаснува зошто Јапонките живеат многу подолго од нивните машки колеги.
Додека исхраната во остатокот од светот станува сè послатка и солена, Јапонија отиде во спротивна насока – јавните кампањи ги убедија жителите да го намалат внесот на сол. Но, не е само исхраната клучна. Јапонците остануваат физички активни и во подоцнежните години – пеачат повеќе и користат јавен превоз повеќе од постарите луѓе во Соединетите Држави и Европа.
Радио Таишо, дневна програма за групни вежби, е дел од јапонската култура од 1928 година, дизајнирана да поттикне чувство на заедница и да го подобри здравјето на населението. Триминутната рутина се емитува на телевизија и се практикува во мали заедници низ целата земја.
Сепак, неколку студии ја доведоа во прашање веродостојноста на стогодишниците во светот, наведувајќи грешки во податоците, несигурни регистри и недостаток на евиденција за раѓање како причини за нереално високите бројки. Ревизијата на владините регистри во Јапонија од 2010 година откри дека повеќе од 230.000 луѓе се наведени како над стогодишни, кои се водат како исчезнати – многумина всушност починале децении претходно.
Погрешната регистрација се припишува на несовесното водење евиденција и сомневањата дека некои семејства ја криеле смртта на постарите членови за да продолжат да ги добиваат своите пензии.
(BBC/Bizlife)