Може ли терапијата што препишува посета на музеј да го подобри исходот од одредена болест поефикасно од апчиња? Во огромното мнозинство случаи одговорот е да.
Пред десет години британски лекари пробаа сличен експериментален пристап, препишувајќи разни социјални активности, а денес истиот метод го испробуваат и го применуваат лекари во Канада, Белгија и во Франција, дозволувајќи им на пациентите бесплатно да посетуваат музеи како терапија против стрес, депресија и други ментални нарушувања, бидејќи, се чини, ваквите посети ги намалуваат ефектите од траумата, го забавуваат когнитивниот пад и имаат позитивен ефект врз општата благосостојба.
Пред десет години британските лекари беа пионери во практиката на „препишување“ разни социјални и културни активности наместо класични лекови со цел да се подобри здравјето на пациентите. И овој пристап сега стана константа во рамките на државно финансираната Национална здравствена служба (NHS).
“Рецептите”, исто така, резултираа со до 37% помалку посети на лекар и 27% намалување на приемите во болница, според извештајот од 2023 година на британското Здружение за здравје и благосостојба преку култура, национална мрежа на креативни здравствени иницијативи.
Канадските лекари го следеа британскиот пример. Лекарите од Монтреал почнаа да ги препишуваат првите посети на Музејот на ликовни уметности (MMFA) во 2018 година. Секој лекар може да издаде до 50 рецепти годишно, сите покриени со здравствено осигурување.
Студиите од локалната лабораторија AgeTeQ покажаа дека квалитетот на животот и менталната благосостојба на пациентите кои доаѓаат за таков рецепт се мерливо повисоки во споредба со остатокот од населението.
Концептот брзо доби повеќе поддржувачи. Брисел започна слична програма во 2021 година, кога 33 лекари почнаа да „препишуваат“ лекови во пет музеи. Денес повеќе од 10 музеи и 18 медицински установи се вклучени во градскиот проект, а трошоците за билети за музеите во Брисел ги покрива градот Брисел.
Во Франција идејата се спроведува низ целата земја – од Рен во Бретања до Азурниот Брег. Во Ница рецептот „L’art c’est la santé“ (Уметноста е здравје) овозможува и посета на познатиот музеј Матис.
Бројни истражувачки проекти низ цела Франција го истражуваат влијанието на посетата на уметнички институции врз благосостојбата и здравјето на поединецот.
Историчарката на уметност Натали Бондил, поранешна директорка на Музејот на убави уметности (MMFA) и сега директорка на Институтот за арапски свет во Париз, е убедена дека културата во 21 век ќе биде за нашето здравје она што спортот беше за 20 век.
“Луѓето се биолошки „програмирани“ длабоко да ја чувствуваат и да ја доживуваат убавината на уметничкото дело, а тоа ги прави да се чувствуваат добро”, вели таа. Бондил конечно ја спроведе идејата во пракса во Монтреал во 2018 година.
Д-р Катерина Ханак, психијатар во Универзитетската болница Бругман во Брисел, живописно го опиша успехот на ваквите посети на музеи во неделникот Le Nouvel Obs.
“Кога правиме нешто пријатно, нашите мозоци реагираат како да се мали огномети, ослободувајќи допамин и веднаш нè тераат да се чувствуваме подобро. Ова се случува кога вежбаме, кога шетаме во шумата, но и кога сме трогнати од уметничко дело”, рече таа.
И во Германија студиите покажаа дека посетите на музеи можат да ја ублажат депресијата, деменцијата и осаменоста, честопати поефикасно и поевтино од лековите.
Извештајот на Техничкиот универзитет во Дрезден препорачува посети на музеи како дел од стандардната здравствена заштита. Годишниот билет за музеи се чини дека е значително поефикасен од лековите, особено кога станува збор за ублажување на депресивните симптоми кај луѓето со деменција.
Во соработка со мрежата на болници „Шарите“, Музејот Боде во Берлин тестира проект наречен „Музеи на лекување“. Целта на проектот е да се промовира фокусирана свест или внимателност пред уметнички дела, каде што човекот станува целосно свесен и го прифаќа сегашниот момент, емоциите и околината без осудување.
На располагање е специјално дизајнирана просторија за оние кои се заинтересирани за практикување на неколку традиции на медитација. Секој што сака да учествува може да пристапи до нив преку аудиоводич, паметен телефон или веб-страница. Засега, потребни се билет за музеи и котизација за учество.
Уште во 2019 година, Светската здравствена организација (СЗО) разгледа и оцени повеќе од 3.000 студии. Сите тие јасно укажуваа дека уметничките и културните настани го зајакнуваат и менталното и физичкото здравје на луѓето, помагајќи им да се справат со страдањето, како и го промовираат процесот на закрепнување.
Ова е основата на музејската терапија. За разлика од попознатата уметничка терапија, таа не бара никаков уметнички талент, туку само подготвеност свесно да се доживее уметноста, како дел од која поединецот одвојува време да ги гледа уметничките дела. Нов дел од сфаќањето е фактот дека средбата со самата уметност може да биде лековита, без никаков сопствен креативен ангажман.
Иницијативите започнати од 2014 година добиваат на интензитет, а музејската терапија доживува ренесанса,.
(Zimo)
(фото: Pxhere)