На 28 септември, во хотел „Дрим“ во Струга, се одржа Демо ден како завршен настан на првата инкубациска програма што ги поврзува Шпанија и Северна Македонија во областа на социјалното претприемништво – ГРОУ.
На настанот беа презентирани иновативни бизнис концепти од млади претприемачи, а интернационално жири од експерти избра три најуспешни тимови. Тие ќе добијат дополнителна поддршка за развој на своите идеи преку специјализирана програма.
Инкубациската програма обедини млади од двете земји, нудејќи им можност да работат заедно на решавање на слични општествени предизвици. Програмата опфати пет модули за развој на претприемачки вештини, индивидуално менторство и консултации, овозможувајќи им на учесниците не само нови знаења и практични алатки, туку и вредни контакти и можности за идни партнерства.
Програмата беше реализирана со поддршка на Еразмус+ програмата, креирана и имплементирана од Бизнис Импакт Лаб и Пријатели на образованието од Северна Македонија и Егериа од Шпанија и покажа дека младите претприемачи од Шпанија и Северна Македонија можат да создадат силни и одржливи решенија со позитивно општествено влијание.

