Разговор со Драган Јаневски за тоа како дизајнот, етиката и технологијата можат да создадат нова култура на купување.
Во време кога пазарот е преполн со масовни производи и моментални трендови, hArt.mk се појавува како место што нуди нешто подлабоко — убавина со смисла, дизајн со душа и предмети што не викаат, туку шепотат. Зад овој концепт стои Драган Јаневски, основач и директор на hArt.mk, кој ја претвори својата верба дека убавината води кон вистината и добрината во платформа што обединува уметност, дизајн и етика.
Во ова интервју разговараме за инспирацијата зад hArt.mk, филозофијата на „ослободеност од грубите консументски дразби“, предизвиците на онлајн продажбата на премиум производи и иднината на естетиката на македонскиот пазар.
- Како се роди идејата за отворање на hArt.mk и што ве мотивираше да го донесете овој концепт во Македонија?
Идејата за hArt.mk се роди поаѓајќи од убавината како совршенство кое не води до вистината и добрината. Целта беше да понудиме производи преку кои купувачот ќе може да ја изрази својата индивидуалност – производи со душа. Сакавме на нашиот пазар да понудиме производи кои свесно ја избегнуваат чистата комерцијална логика и нудат спој од историја, приказна, дизајн, функционалност и естетика.
- Што е тоа што според вас ги прави производите кои ги нудите „премиум“ и различни од масовната понуда на пазарот?
Премиум за нас значи приказна, материјал, изработка и емоција. Производите кои ги нудиме се одликуваат со естетска чистота, внимателна изработка и етички пристап. Не се водиме од трендови, туку од вредности – секој производ е внимателно избран заради неговата способност да го возвиши секојдневието.
- Како ја дефинирате филозофијата за „ослободеност од грубите консументски дразби“ и како таа се преточува во вашиот избор на производи?
Во ова време на социјални медиуми и вештачка интелигенција, суштината како да ни лизга од рацете. Оваа филозофија значи да се одберат производи што не викаат, туку шепотат. Да се избегне визуелниот шум и да се понуди тишина, рафинираност и присуство. Секој производ на hArt.mk е селектиран со оваа мисла – да не биде нападен, туку значаен. Затоа, секој производ доаѓа со свој essence — кратка, но длабока приказна што го открива неговиот карактер, потекло и емоционална вредност. Тоа не е само опис, туку прозорец кон суштината. Веруваме дека убавината не е само во формата, туку и во концептот — и токму essence е тој концепт.


- Како ја проценувате подготвеноста на македонските потрошувачи за вакви производи – дали постои култура на купување на предмети што комбинираат практична и естетска вредност?
Македонските потрошувачи сè повеќе бараат вредност што оди подлабоко од функционалноста. Постои растечка култура на купување предмети што имаат душа – нешто што се чувствува, не само користи. Ние сме тука да ја поддржиме таа трансформација.
- Кои категории производи најбрзо се прифатија на пазарот и што е тоа што најмногу ги привлекува купувачите на hArt.mk?
Клиентите веднаш покажаа интерес за производите од Pininfarina Segno, бидејќи го познаваа брендот Pininfarina како симбол на врвен светски дизајн. Инструментите за пишување Montegrappa со долгата традиција и препознатливата италијанска елеганција веднаш беа препознаени од вистинските познавачи. Накитот Zeades ги привлекува купувачите со својата ненаметлива естетика – елеганцијата на медитеранскиот дух, која е суштина на брендот.
Во последниот период евидентен е растот на побарувачката за аксесоари за пушачи, што укажува дека овој пазар е во пораст. Од друга страна, побарувачката за уметнички слики од автори етаблирани во нашата земја и регион останува стабилна. Тоа е сегмент што има своја публика — луѓе што вложуваат во естетика со трајна вредност.
Генерално, она што ги привлекува купувачите е убавината и дизајнот на производите, како и чистиот, интуитивен изглед на веб-продавницата. Ова создава чувство на доверба и културна префинетост.

- Дали забележувате разлика во перцепцијата кај различни генерации или профили на клиенти?
Не забележуваме значајни разлики во перцепцијата поврзани со возраста. Наместо тоа, она што прави разлика е интелектуалната отвореност и личното чувство за естетика. Купувачите што се поврзуваат со hArt.mk не се дефинирани според генерација, туку според начинот на кој ја доживуваат убавината. Тоа се луѓе што избираат со внимание, со вкус и со желба да бидат опкружени со предмети што имаат суштина.
- Зошто се одлучивте онлајн продавницата да биде примарен канал за продажба?
Онлајн просторот ни овозможува да бидеме достапни, транспарентни и флексибилни. Тоа е начин да ја приближиме убавината до секој дом, без ограничувања на локацијата.

- Дали планирате или веќе имате соработка со физички продавници или ритејлери во Македонија?
Да, веќе соработуваме со неколку физички продавници и ритејлери во Македонија, кои ги застапуваат нашите производи и брендови. Партнерите се наведени во делот „Контакт“ на hArt.mk, и преку нив овозможуваме купувачите да ги доживеат производите одблизу – особено оние што бараат физички контакт со материјалите, текстурата и дизајнот.
Оваа мрежа на партнери ни овозможува да го прошириме искуството на hArt.mk надвор од дигиталниот простор, зачувувајќи ја истата естетска и филозофска конзистентност.
- Какви предизвици и можности носи онлајн продажбата на вакви премиум производи?
Предизвик е да се пренесе материјалот, текстурата и емоцијата на производот преку екран. Она чувство кога ќе го допреш производот, ќе го почувствуваш, или ќе го доживееш неговото присуство во просторот. Но, преку дигиталниот простор можеме да комуницираме директно, да раскажеме приказни што го откриваат карактерот на секој производ и да изградиме заедница што е поврзана преку вредности, вкус и естетика. Тоа е начин да ја споделиме суштината – не само на производот, туку и на идејата што стои зад него.

- Како ги бирате италијанските и другите брендови што ги застапувате и дали во иднина планирате да вклучите и македонски производители кои одговараат на вашата визија?
Брендовите ги бираме според нивната етичност, дизајн и способност да инспирираат. Во иднина, сакаме да вклучиме и македонски производители кои ја делат нашата визија – тоа би било најубавиот начин да се заокружи приказната.
- Како го оценувате потенцијалот на македонскиот пазар за луксузни и премиум производи?
Потенцијалот е тука – само треба да се негува. Сè повеќе луѓе сакаат да купуваат помалку, но подобро.
Според достапните пазарни анализи, регионот Адрија бележи забрзан раст на интересот за луксузни искуства – од хотелски и недвижносни инвестиции, до модата, уметноста и lifestyle сегментите. Иако трендот е највидлив во туристичката и хотелската индустрија, сè повеќе брендови од луксузниот сектор го препознаваат потенцијалот на овој простор, поттикнат од зголемениот туристички прилив, културната разноликост и растечката куповна моќ.


- Кои се вашите долгорочни планови – дали размислувате за регионална експанзија, проширување на асортиманот, или можеби отворање физички простор?
Регионалната експанзија е составен дел од нашиот долгорочен план. Проширувањето на асортиманот ќе се одвива постепено, со сродни производи избрани со високо внимание и прецизна селекција. Иако отворањето на сопствена физичка продавница првично не беше дел од нашиот бизнис план, праксата покажа дека постои реална потреба од простор што ќе биде повеќе од продажно место – место за инспирација, дијалог и културна размена. Сепак, оставаме процесот да се развива природно, воден од интелигенцијата на времето.
- Што сакате вашите клиенти да чувствуваат кога ќе купат производ од hArt.mk?
Сакаме да се чувствуваат убаво!

