Соединетите Американски Држави објавија дека ќе воведат царини од 107 проценти за италијанските тестенини од 1 јануари 2026 година, што би можело сериозно да го загрози еден од најважните сектори на италијанскиот извоз.
На веќе постоечката царина од 15% за тестенините од Италија, американската администрација планира да додаде уште 91,74 проценти, осврнувајќи се на обвинувањата за дампинг против италијанските производители „Ла Молисана“ и „Гарофало“, кои веќе беа предмет на истрага од страна на Министерството за трговија на САД, пишува италијанскиот весник „Соле“.
Ваквите истраги ги спроведуваат американските власти речиси секоја година, на барање на домашните производители на тестенини, но дополнителните царински давачки досега ретко надминувале два проценти.
Овој пат, сепак, за периодот помеѓу 1 јули 2023 година и 30 јуни 2024 година, беа утврдени просечни маржи на дампинг од речиси 92 проценти.
Покрај Ла Молисана и Гарофало, во извештајот на Министерството за трговија на САД се наведени и други италијански компании, вклучувајќи ги Агриталија, Барила и неколку други. Новите царини ќе важат за сите нив, освен делумно за оние што веќе имаат производство во САД, како што е Барила, објаснува италијанскиот весник.
Италијанското Министерство за надворешни работи соопшти дека го следи случајот, а италијанскиот министер за земјоделство, Франческо Лолобриџида, рече дека одлуката на Соединетите Американски Држави е „хипер-протекционистичка мерка без никакво оправдување“.
Италијанската прехранбена индустрија годишно произведува повеќе од четири милиони тони тестенини, од кои дури 60 проценти се извезуваат, а само американскиот пазар вреди околу 700 милиони долари годишно, додека вкупниот годишен приход на секторот е 8,7 милијарди евра.
Сојузот на производители на храна на Италија ги нарече најавените царини „навреда за производ што го симболизира италијанскиот идентитет“, оценувајќи дека станува збор за политичка, а не за техничка одлука.
„Оваа одлука на Министерството за трговија на Соединетите Американски Држави е најстрогата досега донесена и ние сме длабоко погодени и разочарани“, соопшти Синдикатот.
Италијанската земјоделска организација „Колдирети“ изјави дека царината од 107 проценти „ќе ја удвои цената на чинија тестенини за американските потрошувачи и ќе отвори врата за лажни италијански производи“.
Организацијата апелираше до италијанската влада и Европската унија да преземат итни мерки за заштита на „производот што е симбол на медитеранската исхрана“ и да го зачуваат квалитетот, работните места и угледот на целиот италијански земјоделско-прехранбен сектор.
„Додека САД го напаѓаат „Произведено во Италија“, владата на премиерот (Џорџија) Мелони молчи. Каде се конкретните мерки за заштита на нашите компании? Потребни ни се итни средства, механизми за поддршка и трговска стратегија. Во спротивно, италијанските работници и семејства ќе ја платат цената“, изјави италијанската опозициска политичарка Силвија Фреголент.
Фото – Pixnio