Мена Пејоска е една од петте жени од селото Белица кои се дел од здружението „Медена долина“. Тие произведуваат мед и креираат иновативни миксови со билки, а истовремено и работат на засадување медоносни растенија во различни периоди од годината на запуштените ниви и така обезбедуваат континуирана паша, но и ја оживуваат необработената земја.
Пејоска и Медена долина се пример за женско претприемништво во рурална средина и за успешно искористување на потенцијалите на еколошкото производство во земјава. Целта им е да ја прошират палетата со нови производи – мед со билки, природна козметика и еко-сувенири и да ги имплементираат придобивките на дигиталното време за полесно да стигнат до своите купувачи.
Мена, кажете ни што е „Медена Долина“?
„Медена Долина“ е здружение создадено во село Белица, каде што единствената традиција што опстојува повеќе од два века е пчеларството. Во моето семејство пчеларството се практикува до денес и тоа беше инспирација да ја поврзам традицијата со моето долгогодишно искуство во бизнисот, образованието и иновативните практики во е- бизнисот. Како иницијатор на првата приватна специјализирана продавница Бебе- бренд и синоним за успешен бизнис стекнав знаење и искуство, како професор по економија со учениците освоивме повеќе награди за иновации. Тоа ми помогна да ги обединам теоријата и практиката, образованието и традицијата.
Формирањето на здружението беше можно само со поддршка од уште четири жени од Белица, со кои заедно градиме пример за женско претприемништво во рурална средина. Нашата мисија е да ги оживееме запуштените ниви и да обезбедиме бесплатна паша за пчелите. Белица е прво еко-село во светот, што е дополнителна гаранција дека медот кој го нудиме е 100 отсто природен.
Какви типови мед произведувате и што е иновативно во вашите производи?
Во „Медена Долина“ откупуваме мед од пчеларите од Белица, бидејќи локалниот белички мед има посебен квалитет и автентичност. Тој три години по ред е наградуван со златен медал на меѓународен натпревар, во конкуренција на 360 мостри од 18 земји. Тоа признание е темелот врз кој го градиме брендот како и искуството на пчеларите од Белица. Медот го збогатуваме со лековити билки што ја спојуваат традицијата со народната медицина. Пакувањето е во мали теглички за да се нагласи пораката „купувај квалитет, а не квантитет“. Дополнителна иновативност е дигиталниот пристап – секое тегличе има QR-код преку кој купувачите дознаваат за производите и за мисијата на „Медена Долина“.


Вие сте од Белица, каде што необработените ниви ги претворате во медоносни површини. Какво е влијанието за вашата средина од оваа активност?
Нашата работа има економски, еколошки и социјален импакт. Економски, затоа што откупуваме мед и создадовме нов пазарен модел на циркуларна економија од обработка на земјата, обезбедување на суровина до продажба на мед збогатен со билки. Еколошки, бидејќи засадуваме медоносни растенија во различни периоди за да обезбедиме континуирана паша и да ја оживееме запуштената земја. Социјален, затоа што охрабруваме жени од рурални средини и млади пчелари да се вклучат, а поддршката ја добиваме и од локалните пчелари. Со ова упатуваме и јасен повик до младите – оние кои сакаат да останат овде да се приклучат во нашата мисија. Развојот на пчеларството отвора можности за вработување и сопствен бизнис, а храната, особено еко храната, е во најдиректна врска со опстанокот на пчелите.
Неодамна вашата идеја беше прогласена за еден од победниците на натпреварот „Зелени идеи 2025“, кој го организираше АРНО во делот зелени бизниси. Што значи ова искуство за вас?
Аплициравме на натпреварот „Зелени Идеи“ организиран од Арно, каде што комисијата ја препозна нашата визија ни овозможи голем чекор напред на регионален натпревар за свесно да ја дознаеме тежината на концептот и да ги валидизираме нашите резултати. Регионалниот натпревар ни даде важни поуки: дека сме постигнале многу за кратко време, но и дека ни е потребна силна поддршка од локалната заедница, институциите и сите субјекти кои имаат висока еко свест да не поддржат во нашата мисија. Иако постоиме помалку од една година, со сопствени средства и труд направивме значајни чекори. За мене како иницијатор, ова беше потврда дека комбинацијата на образование, практично искуство и прилагодување на новите трендови е вистинскиот пат.
Колку екологијата и бизнисот можат да одат заедно? Можеме ли да произведуваме, а да не ја уништуваме природата?
Екологијата и бизнисот се неразделни – 75% од производството на храна зависи од пчелите. Со нивниот опстанок се обезбедува и опстанокот на луѓето. „Медена Долина“ е пример како бизнисот може да ја обновува природата: секое тегличе носи економска корист за пчеларите и заедницата, а истовремено придонесува за зачувување на пчелите и биодиверзитетот. Нашиот мед е 100 отсто природен и произлегува од чистата средина на Белица – првото еко-село во светот. Со тоа докажуваме дека економијата и екологијата можат да бидат партнери.


Каков е потенцијалот во Македонија за еколошко производство?
Македонија е аграрна земја со голем потенцијал за органско производство. Чистата природа и плодната земја овозможуваат да се создадат производи со додадена вредност и конкурентска предност. Нашето искуство во Белица покажа дека и запуштените ниви можат да се претворат во ресурс што носи корист за сите. Веруваме дека можеме да биде конкурентна единствено преку еко земјоделски производи со докажано потекло. Тоа е моделот што треба да го градиме ако сакаме да бидеме препознаени на глобалниот пазар.
Какви се вашите планови за во иднина?
Во иднина сакаме да засадиме повеќе површини со медоносни растенија и да ја прошириме палетата со нови производи – мед со билки, природна козметика и еко-сувенири. Нашата цел е да го зајакнеме онлајн присуството и преку дигитални алатки да станеме подостапни за купувачите. Ќе продолжиме да вклучуваме млади пчелари, жени од руралните средини и поддршка од искусни пчелари во нашата држава. Го гледаме медот пред сè како храна, а не само како лек, и сакаме да ја подигнеме свеста дека храната секогаш ќе биде недостиг. Затоа ги охрабруваме младите генерации да ја препознае шансата и да се приклучи – затоа што секој млад човек кој ќе остане овде и ќе вложи во пчеларство придонесува не само за опстанок на пчелите туку и за својот живот и за иднината на сите нас. Во исто време, упатуваме апел до сите кои веруваат во еко производството и заштитата на природата да нè следат и поддржат. Со тоа директно придонесуваат кон зачувување на пчелите, биодиверзитетот и создавање на една поодржлива иднина.