Во петок и сабота (17 и 18 октомври), во Интернационалното училиште НОВА, ќе се одржи четвртата конференција НАУКА ЗА ДЕЦА под мотото „Наука за деца В.И. претставува…“ Свеченото отворање на конференцијата е во петок (17 октомври) во 18:30 часот и целото ќе може да се следи онлајн, на Фејсбук страницата на НАУКА ЗА ДЕЦА. Во програмата влегуваат три предавања на стипендисти на Фондација Кантарот, кои ги подготвија предавањата заедно со нивните ментори Илија Дуковски (Boston University), Андреј Ристески (Carnegie Mellon University) и Билјана Мојсоска (Roskilde University)
Вториот ден (сабота, 18 октомври) е наменет за работилници поврзани со вештачката интелигенција (В.И.), како и за изложба на постери што НАУКА ЗА ДЕЦА ја подготви во соработка со Холандската амбасада во Скопје. Изложбата произлегува од конкурсот за изработка на плакати на тема холандска наука, а за време на конференцијата ќе бидат доделени и наградите за победничките постери.
„Оваа година на нашата конференција децата ќе ја истражуваат вештачката интелигенција. Треба ли да се плашиме од неа или да ја прифатиме како соработник и креативен партнер? Во соработка со наши истакнати научници и уметници ви подговивме возбудливи работилница за местото на В.И. во уметноста и во училницата. Конференцијата Наука за деца е кулминација на НЗД караванот кој изминатиов месец ги посети Куманово, Тетово, Кавадарци и Гевгелија. Овој караван беше организиран во соработка со познатиот македонски тиктокер Александар Динев, а него го посетија стотици деца кои експериментираа, поставуваа прашања и играа на музика создадена од вештачка интелигенција“, вели Директорката на Фондација КАНТАРОТ, Драгана Стикова.
Целта на фондација КАНТАРОТ, е популаризација на науката кај децата. Фондацијата континуирано работи на негување на талентот кај децата и поттикнување на љубовта кон науката, како и на културата на донирање од заедницата за заедницата – начин на кој е финансиран и овој настан.Во рамки на свеченото отворање ќе бидат доделени и наградата „Колега Стиков“ за најдобар млад презентер, во чест на доајенот на нашето спортско новинарство, Александар Стиков, и наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“, која оваа година се доделува по вторпат.