На патот кон Долни Дисан, асфалтот станува потесен, а мислите побавни. Нема тоскански вински туризам, нема билборди…а нема ни бучава што ти го одвлекува вниманието од суштината. Само лозја, сонце и неколку стари куќи што изгледаат како да паметат повеќе отколку што зборуваат … и како да ти велат да успориш.
На сред таа наивна, речиси идилична тишина, одеднаш се појавува модерна стаклена зграда на Винаријата „Венец“. Не ја очекував. Но некако ѝ прилега, како точка меѓу традицијата и времето што доаѓа.
Во дворот стои една лоза донесена од Светата Земја. Не е таму за украс, ниту за да раскажуваат легенди вработените. Таа е таму како потсетник дека некои нешта успеваат само ако им се дава доволно љубов.
Кире Ристов не зборува како човек winemaker. Тој зборува како некој што живее со виното. Неговите реченици се едноставни, чисти, сигурни како гест на човек што не се обидува да импресионира, туку само да биде точен. Без настојување, без обид да убеди. Го носи мирот на луѓето што не тргуваат со својата вистина.
Во неговите реченици нема пазар, нема стратегија, нема фрази, проценив само искреност и дисциплина. И додека зборува, разбираш дека вистинската елеганција не е во шише со етикета, туку во луѓето што ја создаваат.
Долни Дисан можеби не е место што ќе го најдеш на туристичка мапа, но мене ме купи со питомоста и со мирот што ти останува во тебе додека возиш по долините. И можеби токму тоа е неговата вистина.
Не секое вино сака да биде славно. Некои вина како и некои луѓе – само сакаат да бидат сакани.
новинарка | Љубица Ангелкова
Твојот пат започнал меѓу лозја. Но кога виното стана твој избор?
Никогаш не беше момент. Беше процес. Уште како дете знаев како мириса земјата кога зрее грозјето под силно сонце и како изгледа кожа на човек што цел живот работи со грозје.
Подоцна, со студии, со патувања, сфатив дека науката е неопходна, но не доволна. Можеш да знаеш сè, од клеточна структура на кожата на грозјето до граница на сулфити, а сепак да не направиш ништо што ќе трепери во чаша.
Кога дојдов во Венец, кој датира од 1958 година, морав да влезам тивко. Како во туѓа соба што сака да те прифати, ама само ако не ја нарушиш рамнотежата. Со тек на време, станав дел од јазикот на оваа винарија и ми беше јасно: ова не е само место за работа, туку жив организам.


“Вино се прави со рака, детал, душа“ – што значи тоа за тебе?
Тоа не е слоган. Тоа е вредносен систем. Сетилата се таму каде што машината би згрешила и кога ќе препознаеш дека танините се нежни и не смееш повеќе да се зезаш со нив. Деталот е таму каде што просекот би одмавнал со рака, кога ќе решиш колку е доволно виното да одлежи во буриња, да не додаваш повеќе дрво, иако сите го прават тоа. А душата… па душата е таму каде што лабораторијата молчи.
Темјаника Корија е добар пример. Сите сакаат таа сорта да мириса „силно“, но ние не сакаме глас. Сакаме шепот. Таа не мора да биде парфем, туку белешка што ќе ја пронајдеш по третото вдишување. Ако ја форсираш, ќе ја загубиш. Темјаниката не сака агресија, таа сака простор.
Зошто микролокациите се толку важни во Венец?
Затоа што виното не е генерализација. Секое лозје има свој пулс, свој воздух, своја приказна. „Single Block“ по кој сме познати не е маркетинг, тоа е искреност. Тоа е кога му дозволуваш на местото да зборува самостојно.
Грозјето од конкретен блок не можеш да го сокриеш во купаж. Нема начин да „поправиш“ карактер. Или ќе го прифатиш, или ќе го отфрлиш. Затоа имаме години кога одреден блок не оди во серија. Не затоа што не е добро, туку затоа што не е автентично. Тоа е тешко, но неопходно. Така се гради доверба кон производот.

Vranec Orle е едно од вашите најнаградувани вина. Што го прави различно?
Orle е како тивок човек што ќе го запомниш. Не зборува прв, но кога ќе проговору, сите молчат. Доаѓа од лозје кое се одгледува на 700 м.н.в. со силна дренажа и постојано движење на воздух. Тоа му дава концентрација, но и вертикалност, вина што се „високи“.
Вранецот е црн див коњ и обично има репутација на диво, агресивно вино, ама Orle е воспитан. Структурен, но не тежок. Барикот е умерен и трае од 12-18 месеци, во главно француски даб. Но не се чувствува како „дополнителен вкус“. Тој е таму само за да заокружи. Она што го прави Orle различен е текстурата. Тоа чувство дека виното ти останува на непце, како мисла што не си ја кажал.
Што се случува кога бербата не оди по план?
Тоа е секојдневие. Природата не прашува кога имаш премиера. Понекогаш добиваш дожд во септември, другпат сонце што ја гори непоштедно кожата на грозјето во август. Имаме протоколи, но на крајот… одлуките се интуитивни. Еднаш решивме да направиме Single Block од блок кој веќе беше изморен. Аналитиката рече „во ред“. Но виното беше празно. Се пиеше, но не беше приказна. Тоа не смееме да го пуштиме. Подобро празно место во серијата, отколку празно чувство кај публиката.
Кои вина најдобро го претставуваат духот на Венец?
Ќе ги издвојам пет:
• Vranec Orle затоа што е тивко вино со став. Крут и достоинствен. Не се и двата на вкусот.
• Temjanika Koria, вино што не е гласно, а и не треба. Тоа е мирис што те тера да застанеш.
• Cuvee 56 Reserva – приказна во повеќе гласови. Купаж со хронологија. Нешто старо, нешто ново.
• Cabernet Sauvignon Single Block, вино со европска естетика и македонска трпеливост.
• Chardonnay Barrel fermented acacia – многу луѓе го потценуваат шардонето. А ние го третираме со почит. Ова е доказ дека македонско бело може да стои покрај светското.
Како изгледа „Венец“ пристапот на странски пазар?
Не зборуваме гласно. Не нудиме „македонска Тоскана“. Сакаме луѓето да нè запомнат како Venec од Долни Дисан. Тоа е доволно…ако е вистинито.
Нашиот пристап е автентичен. Не следиме трендови. Сомелиери и вински новинари го ценат тоа. Не етикета што глуми приказна, туку приказна што се пие.
Ако вината зборуваа, што ќе кажеше вашето?
„Видов сè. Но сè уште верувам.“ Моите вина знаат што е премногу сонце. Што е стрес, што е промашена проценка. Но знаат и што е да не се откажеш. Да останеш исправен. Да не глумиш ниту вкус, ниту вредност. Тоа е нашиот стил, вино што стои сериозно и сигурно.


Што следува?
Повеќе експресија, но не по секоја цена. Сакам да го отвориме Венец за луѓе што навистина сакаат да слушнат како изгледа чаша со смисла.
Не како ресорт. Како место. Да седнеш под лозата од Светата Земја, да испиеш нешто што не е случајно, и да знаеш дека си бил дел од нешто повисоко од маркетинг. Повисоко од тренд.