Се наведува дека Amazon планира масовна автоматизација на своите деловни процеси што би ѝ овозможило да избегне вработување на повеќе од 600.000 работници во САД до 2033 година. Според New York Times, повикувајќи се на интерни документи и изјави на вработените, роботите на Аmazon би можеле да заменат повеќе од половина од човечката работна сила што компанијата инаку би морала да ја вработи, дури и со очекувано удвојување на обемот на продажба во истиот период.
Според документите, тимот за роботика на Amazon работи на автоматизирање на 75% од сите операции во својот синџир на производство, складирање и испорака. Компанијата очекува да елиминира околу 160.000 работни места во САД до 2027 година, што би заштедило околу 30 центи по производ. Вкупно, од 2025 до 2027 година Amazon проценува дека автоматизацијата би можела да заштеди дури 12,6 милијарди долари финансиски трошоци.
Според истиот извештај, Amazon е свесен за потенцијалниот негативен публицитет и разгледува стратегии за ублажување на јавната реакција. Внатрешните документи сугерираат дека компанијата има намера да се претстави како „одговорен корпоративен граѓанин“, да се вклучи во локалните заедници и да избегнува употреба на термини како „автоматизација“ или „вештачка интелигенција“. Наместо тоа, ќе користи понеутрални термини како што се „напредна технологија“ или „коботи“ (роботи кои соработуваат со луѓе).
Портпаролката на Amazon, Кели Нантел, одговори на обвинувањата, изјавувајќи дека документите „ги одразуваат ставовите на еден тим“ и не ја претставуваат официјалната стратегија на компанијата.
„Протечените документи честопати прикажуваат нецелосна и погрешна слика за нашите планови, а тоа е случајот и овде. Амазон моментално активно вработува во своите центри за исполнување нарачки низ целата земја, а неодамна објавивме отворање на 250.000 сезонски работни места за празниците“, рече Нантел.
Компанијата, исто така, негираше дека им наложила на менаџерите да го избегнуваат терминот „автоматизација“, нагласувајќи дека заедничките проекти со локалните заедници не се поврзани со плановите за автоматизација.
Овој план, доколку се спроведе целосно, би можел да има далекусежни последици за американскиот пазар на трудот, но исто така би можел да покрене нови прашања за улогата на автоматизацијата во модерната економија и границите меѓу технолошкиот напредок и општествената одговорност.
(The Verge)
(фото: Roboflow)