Women on Boards Adria и Women4Cyber North Macedonia во заедничка мисија за поголемо учество на жените во лидерството и сајбер безбедноста

- Advertisement -

Со оглед на тоа што жените сочинуваат помалку од два проценти од лидерските позиции во областа на сајбер безбедноста во Северна Македонија, Women on Boards Adria (WOBA) и Women4Cyber North Macedonia воспоставија партнерство со цел да отворат нови можности за жените да напредуваат кон раководни и одлучувачки позиции во управувањето и сајбер безбедноста.

Оваа соработка произлегува како одговор на јасно идентификувани структурни предизвици. Иако жените се силно застапени во јавната администрација, нивното присуство во лидерските позиции во сајбер безбедноста е минимално. Според истражување од 2023 година, жените во оваа област најчесто се вклучени во административни, а не во технички улоги, со ограничени можности за напредување. Родови стереотипи, ограничен пристап до STEM-образование, системска перцепција за сајбер безбедноста како „машка професија„ и доминантната машка култура во работната средина продолжуваат да бидат пречка за нивната поголема застапеност.

- Advertisement -

„Ова партнерство ја отсликува мисијата на WOBA, да обезбедиме жените да бидат присутни онаму каде што се носат клучните одлуки. Со поврзување на управувањето и сајбер безбедноста, сакаме да изградиме посилна база на жени кои се подготвени да водат процеси клучни за националната и регионалната отпорност“, изјави Билјана Брејтвeјт, претседателка на Women on Boards Adria.

Во рамките на соработката ќе се организираат работилници, обуки, менторски програми и регионални кампањи за видливост на жени-лидери во сајбер безбедноста. Двете организации ќе споделуваат истражувања, добри практики и комуникациски платформи со цел промоција на женското учество во техничките и управувачките улоги низ регионот.

- Advertisement -

„Women4Cyber North Macedonia работи на зголемување на бројот на жени кои имаат знаење, вештини и самодоверба за успешна кариера во сајбер безбедноста. Со партнерството со WOBA, тоа знаење го надградуваме во лидерство — за жените да имаат подеднаков глас и во политиките и управувањето“, изјави Љубица Пендароска Крстевска, основачка и претседателка на Women4CyberNorth Macedonia.

Оваа соработка ги поддржува европските интегративни приоритети на Северна Македонија, особено усогласувањето со стандардите на ЕУ за родова еднаквост и дигитална отпорност. Таа се надоврзува на тековните национални и меѓународни напори за развој на квалификувана и инклузивна работна сила во областа на сајбер безбедноста.

- Advertisement -

„За Северна Македонија, зголемувањето на учеството на жените во сајбер безбедноста не е само прашање на еднаквост, туку и на конкурентност и безбедност. Со ова партнерство се отвора простор повеќе жени да бидат дел од дигиталниот развој на земјата“, додаде Тања Михајловска Димитриевска, Главен Амбасадор на WOBA за Северна Македонија.

Партнерството се надоврзува на регионалната мисија на Women on Boards Adria за промовирање на родовата еднаквост во корпоративното и институционалното управување низ Адриа регионот.

Повеќе информации за Women on Boards Adria може да се најдат на официјалната веб-страница.

Сподели!
- Advertisement -