Во првите девет месеци од годината Турција бележи историски раст во туризмот. Над 50 милијарди долари приход од туризам се остварени во овој период од годината, што е зголемување за 5,7 проценти, во овој значаен економски сектор во земјата. Покрај растот на приходите, Турција во првите девет месеци од годината бележи и раст на бројот на странските туристи кои ја посетиле земјата од 1,6 отсто, односно 50 милиони странски туристи.
Според податоците на специјализираната агенција на Обединетите нации која се занимава со развој, промоција и одржливост на туризмот на глобално ниво, Турција во 2024 година била четвртиот најголем туристички пазар во светот. Во просек странските туристите од почетокот на годината во Турција престојувале по 10,3 ноќи и трошеле по 103 американски долари по лице за една ноќ, што во споредба со истиот период од претходната година е зголемување за 7 проценти.
Министерот за култура и туризам на Република Турција Мехмет Нури Ерсој нагласи дека резултатите недвосмислено говорат за значителен пораст и на бројот на посетители и на остварените приходи, и покрај бројните искушенија со кои се соочуваше туризмот во оваа медитеранска дестинација.

„Првите девет месеци од 2025 година беа исполнети со значителни предизвици за нашиот регион. Ги почувствувавме ефектите од регионалните конфликти, како и сезонските промени предизвикани од глобалното затоплување. Сепак, благодарение на нашата стратегија, успеавме да ги надминеме приходите за минатата година за 5,7 отсто и да постигнеме извонредни 50 милијарди американски долари. Ова е за прв пат во третиот квартал да го надминеме прагот од 50 милијарди долари. Очекуваме до крајот на годината да ја достигнеме целта од 64 милијарди долари приход“, нагласи министерот Ерсој.
Русите и натаму остануваат најзастапени гости на турската ривиера, како и на бројните археолошки наоѓалишта на земјата. Во првите три квартали Турција била посетена од 5,33 милиони гости од Руската Федерација, а веднаш на второто место повторно е Германија, со 5,22 милиони посетители. Третиот најголем пазар, пак, продолжува да биде Обединетото Кралство, од каде во Турција допатувале 3,54 милиони туристи во првите девет месеци од годинава.



