Многу земји се обидуваат да се справат со проблемот на малтретирање, но Данска има подиректен пристап. Часовите по емпатија, наречени Klassen tid, се задолжителни во училиштата, а овие часови се подеднакво важни како часовите по јазик или математика.
Во последните десет години Данска често се наведува како најсреќна земја во светот. Научниците го припишуваат ова на добриот животен стандард што им овозможува на граѓаните да се фокусираат на други аспекти од животот. Во нивниот образовен систем часовите по емпатија се задолжителни за сите деца од 6 до 16 години.
Како изгледа учењето емпатија? За време на Klassen tid учениците разговараат за своите проблеми, без разлика дали се поврзани со училиштето или не, а целиот клас, заедно со наставникот, се обидува да најде решение врз основа на слушање и разбирање. Ако нема проблеми за дискусија, децата едноставно поминуваат време заедно, релаксирајќи се и уживајќи во hygge, збор што не може да се преведе буквално, бидејќи е феномен тесно поврзан со данската култура.
Hygge може да се дефинира како „намерно создадена интимност“. Во земја каде што се стемнува рано во годината, врне дожд, се е сиво, hygge значи донесување светлина, топлина и пријателство, создавајќи заедничка, пријатна и интимна атмосфера. Тоа е фундаментален концепт за данското чувство за благосостојба. Исто така, стана и глобален феномен: Аmazon продава повеќе од 900 книги за hygge, а Инстаграм има повеќе од 3 милиони објави со хаштагот #hygge. Децата во Данска растат во атмосфера која подеднакво ги цени емпатијата и интелигенцијата.
Може ли да се научи емпатијата? Психолозите честопати се прашувале како се развива емпатијата кај децата и како некои деца се природно поспособни за неа. Емпатијата е вродена и научена, при што биолошките алатки ја обезбедуваат основата што потоа се развива преку животните искуства и социјалните интеракции. Луѓето се раѓаат со капацитет за емпатија, како што е способноста да ги имитираат другите, што е претходник на разбирањето и споделувањето чувства.
(N1)
(фото: Freerange Stock)



