Проектот Benban Solar Park, кој се очекува да има капацитет од 1,6 до 2 GW соларна енергија до средината на 2019 година, на Египет ќе му овозможи да користи чиста енергија која е неопходна за одржлив економски раст.
Проектот нема да добие никакви субвенции од државата, туку склучен е договор кој ќе важи 25 години – енергијата од проектот ќе се продава по цена од 7,8 центи за киловат-час на државната компанија Egyptian Electricity Transmission Company (EETC). Цената ќе се менува во зависност од вредноста на американскиот долар.
Во моментот во соларниот парк, кој кога ќе се комплетира ќе биде најголемиот соларен пак во светот, сега има 29 електроцентрали за кои беа издвоени речиси 1,8 милијарди долари државни средства. Тие имаат капацитет од 1,5 GW соларна енергија. Планирано е соларниот парк да има вкупно 32 електроцентрали. Сите централи треба да бидат готови до средината на 2019 година, пренесува Interesting Engineering.
Според прогнозите, овој соларен парк ќе му ја обезбеди на Египет и на неговите 90 милиони жители потребната чиста енергија за пoттикнување на растот и борба против сиромаштијата. Државните органи очекуваат до 2022 година околу 20% од потребната енергија на земјата да се добива од обновливи извори.
Источниот дел од пустината Сахара, каде што се наоѓа паркот, се смета за еден од регионите на Земјата со најдобра сончева светлина и топлина. Сонцето таму е подобро отколку во пустините во западниот дел од САД и Мексико, но сепак најдобра е сончевата светлина и топлина во пустината во Чиле.
Организацијата Multilateral Investment and Guarantee Agency (MIGA) во рамките на групацијата на Светска банка на инвеститорите и приватните заемодавци, за проектот додели 210 милиони долари за осигурување од политички ризик.
Меѓународната финансиска корпорација и конзорциум од 9 интернационални банки ќе обезбедат 653 милиони долари заем за изградбата на 13 електроцентрали од соларниот парк Benban Solar Park и тоа ќе биде најголемиот финансиски пакет од приватниот сектор за еден фотоволтаичен проект во Средниот Исток и Северна Африка.
Проценетата вредност на паркот е 823 милиони долари. Изградбата на паркот е во тек и веќе почна со работа еден дел од паркот со капацитет од 165MW.