Нова кампања на градот Лондон сака да ја претвори оваа европска престолнина во рај за инсектите поленатори така што ќе се засади по едно диво цвеќе за секој жител. Како што стојат работите сега, Лондон е дом на повеќе од 8,3 милиони дрвја и на 14 видови диви животни, инсекти и растенија. Но, ако успее новата кампања на непрофитната организација National Park City, во градот ќе се засадат уште 9 милиони нови диви цвеќиња, пишува TreeHugger.
Оваа непрофитна организација се залага за примена на принципите од националните паркови во градовите и во партнерство со социјалното претпријатие Seedball сака сонот за еден рај за сите поленатори да прерасне во реaлност токму во Лондон.
„Со подршка на нашата кампања само ќе им покажете на сите жители на Лондон колку е едноставно да се одгледуваат овие диви растенија во соседствата и како преку мали дејствувања како ова со тек на време можеме урбаните пејзажи да ги трансформираме во преубави цветни идилични места со диви цвеќиња“ велат организаторите на кампањата.
Планот ќе се реализира со употреба на топчиња од семе од диви цвеќиња и преку групно финансирање. Со само 5 фунти се добиваат 20 такви топчиња, од кои ќе никнат дури 600 диви цвеќиња. За секое купено такво топче компанијата Seedball донира исто такво топче на организацијата SeedBank For Schools, која бесплатно ќе ги дистрибуира во училиштата во Лондон.
Топчињата семе се составени од семе од диви цвеќиња внимателно избрано за средината во Лондон и може да се засади секаде – од обична саксија до некој слободен дел од двор. Семето е ставено во глина, која го чува безбедно додека не се посади, а има и малку чили за да не ги јадат инсекти. Има неколку мешавини од семиња од кои може да се избира.