Директорот на Фонд за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески го промовираа Јавниот повик за финансирање на проект за изработка на информациски систем за управување во областа на патничкиот и товарниот сообраќај #ПристАпп транспорт.
Со цел да се придонесе кон тоа услугите во јавниот сектор да фатат чекор со современите начини на комуникација и управување, Фондот за иновации и технолошки развој на Република Македонија, во соработка со Министерството за транспорт и врски на Република Македонија објавува – Јавен повик за финансирање на проект за изработка на информациски систем за управување во областа на патничкиот и товарниот сообраќај.
Предлог проектите треба да понудат системско решение за изработка на информациски систем за управување во областа на патничкиот и товарниот сообраќај согласно техничката спецификација.
Предлог проектот треба да прикаже иновативно решение за имплементација на софтверското решение во насока: кориснички интерфејс, практичност во користењето, безбедност, механизми за заштита од злоупотреба. Исто така натпреварувачите можат да предложат различна имплементација на дел од техничката спецификација, со цел подобра организација на техничкото решение.
Предложените проекти треба да резултираат со софтверско решение кое на иновативен начин ќе ги инкорпорира сите горенаведени функционалност со цел обезбедување на ефективна и ефикасни јавни услуги.
Максималниот буџет на предлог проектот може да изнесува 5.000.000 денари, износ кој целосно ќе биде покриен од страна на Фондот за иновации и технолошки развој.
Предизвикот е наменет за микро, мали и средни претпријатија активни во областа на информациските технологии кои сакаат да понудат иновативно решение сами или во соработка со установа која врши високообразовна, односно научно-истражувачка дејност, претпријатие и/или здружение.
Активностите предвидени во предлог проектот треба да соодветствуваат на фазите на истражување и развој на софтверското решение, односно на напредување во спремноста на технологијата до фазата на решение целосно функционално во реална средина.
Трошоците предвидени во буџетот на проектот треба да соодветствуваат на активностите предвидени во проектната апликација.
За да се пријави на предизвикот секој натпреварувач треба да:
- Се регистрира на следниот линк fitr.mk/pristapp и да ги поднесе пополнети, потпишани и печатирани обрасците за Проектна апликација, Буџет на проектот, Изјава дека се согласува со условите на Фондот.
- Поднесе најмногу 5 биографии на клучните луѓе на проектниот тим
- Поднесе Тековна состојба од Централниот регистар не постара од 6 месеци
- Поднесе Биланс на успех за претходната година.
Бараните документи треба да се пополнети на македонски јазик и потпишани и печатирани (во PDF формат) да се испратат на следната e-мaил адреса: pristapp@fitr.mk
Пријавувањето на предизвикот трае заклучно со 20.05.2018 година, до 23:59 часот.
За подетални информации за повикот, посетете го следниов линк.