Ова се македонските активисти кои ќе ја променат иднината на храната

- Advertisement -

Сѐ поголемиот број на население во светот, во комбинација со ограничените ресурси и негативните економски трендови го доведуваат во прашање квалитетот на храната и нејзината достапност. Ваквата ситуација влијае буквално врз секој од нас и нѐ повикува што побрзо да најдеме ефикасни решенија за одржлива иднина.

Иницијативата „Food for tomorrow“ се обидува да даде одговори токму на овие теми. Основана од Шведскиот институтLiving CitiesWNEAT во соработка со Шведската амбасада во Скопје и Белград, оваа иницијатива има за цел да ги вмрежи визионерите и да помогне нивните идеи да прераснат во конкретни проекти за одржлива иднина на храната.

- Advertisement -

Ова се 5-те македонски тимови кои учествуваат на „Food for tomorrow“.

Ајде Македонија

Првиот проект на „Ајде Македонија“ бил мобилизирање на повеќе од 100.000 граѓани во масовни акции за чистење на отпадот ширум Македонија. Преку искуството на терен заклучиле дека токму отпадот од храна е најголемиот вид на отпад во земјата и дека има најголем економски, социјален и еколошки потенцијал. Затоа, активно работат на воспоставувањето на првиот систем за донирање на вишокот храна.

- Advertisement -

Кога фрламе храна, ние фрламе енергија, вода, човеков труд и различни други најблагородни ресурси. Само преку одржлив систем за храна, може да дојдеме до одржлива економија во Македонија. Системите за храна се најголемите економски активности во секоја земја“, вели Блаже Јосифовски од „Ајде Македонија“.

- Advertisement -

И на предизвикот „Food for Tomorrow“ ќе се фокусираат на превенција на фрлањето на храна. „ 450.000 граѓани во Македонија не можат да си ги дозволат сите оброци во текот на еден ден. Тоа не смее да го прифатиме како непроменлива состојба. Потребна ни е голема општествена промена сега“, објаснува Блаже.

Како тим веруваат дека сѐ помалото користење на месо и млечни производи е иднината. Изборот на Блаже е растителна храна, особено фалафелот од Vegan 365 Kitchen.

Биорганика

Попознати како „BeOrg e-fresh“ на социјалните мрежи, тие се тимот позади продавницата за органска и еко храна која работи со онлајн нарачки за свеж зеленчук и овошје. Се трудат да ја направат локалната, органска храна достапна секому. Неодамна го започнаа и проектот „Здрави и среќни деца“ преку кој едуцираат за важноста на здравата исхрана, особено кај децата. Мотив за овој проект им била статистика според која секое трето дете има зголемена тежина, како и потенцијалот кој свежите продукти го имаат за оваа тема, но и за целокупното здравје.

Елена Ангеловска, менаџер на „BeOrg e-fresh“ вели дека Македонија, со својата поволна клима и огромни неискористени површини има огромен потенцијал за одгледување органска храна. „Она што најмногу ни недостига како нација е свесност за важноста на храната, како број еден импакт фактор врз здравјето. Со зголемување на свеста за конзумирање на здрава храна, полека но сигурно ќе се отворат и нови видици за одржување на еко системот и сите ќе придонесеме кон целосна искористеност на храната како и индиректно ќе се вклучиме во процесот на производство.“

Тимот на „Биорганика“ ќе работи на идеи за зголемување на свесноста за здравата исхрана и правилно искористување на сите органски продукти.

Елена ни откри дека секојдневно експериментира со рецепти подготвени од зеленчук, зрна и јаткасти плодови. Бургер направен од црвена леќа и просо, пица со рикота од соја, лазања со месо од печурки… со малку по-отворен ум и желба за промена, здравите опции се неограничени.

Природна перспектива

Приказната на „Природна перспектива“ започнала кога мала група пријатели решиле да ги прошират идеите за самоодржлив начин на живот, пермакултура и комуни. Како што интересот се зголемувал, добиле понуда за соработка со здружението „Надеж-Норе“ од Македонска Каменица, а оствариле и соработка со здружение од Бугарија. Преку волонтирање, создале градина на почва која не била обработувана 9 години и без никакви хемиски препрати успешно одгледуваат 9 различни земјоделски култури и неколку видови на билки за зачини.

Според Симона Николова од „Природни перспективи“ и покрај тоа што сме држава во која примарната гранка била земјоделието, на повеќето им е чудно што некоја млада личност би се вратила на село за да си произведува храна во време кога се може да се купи готово.

Но, Симона верува дека кога луѓето би се запознале со можностите за одржливи системи кои можат да се имплементираат и да профункционираат кај нас, тогаш жителите на Македонија ќе доживеат ренесанса.

Пермакултурата и можностите на пермакултурните дизајни ќе бидат нивниот интерес на „Food for Tomorrow“. Целта е „здрава храна за човечкиот организам и процес на производство кој не и штети и не ја загадува околната средина.“, вели Симона.

Таа се труди да конзумира еколошки чиста и органска храна, која вели дека не е баш лесно да се најде. Од неодамна постепено преминува кон веганство.

Ранчо на Ванчо и Ката

„Ранчо“ е всушност гостинска куќа за селски туризам во с.Оморани, област Азот (Централна Македонија). Како што кажува самото име, сопственици се Ванчо и Ката кои оваа куќа од 1937 година целосно ја реставрирале и намениле за селски туризам. Освен локални туристи, од 2015 година „Ранчо на Ванчо и Ката“ добива резервации ширум светот преку booking.com.

Услугите на гостинската куќа опфаќаат и оброци, па од особен интерес им е продлабочување на методите на управување со храната во вакви угостителски системи. Со таа цел и ќе учествуваат на 24-часовниот предизвик во четврток.

„Ако се одгледува храната во сопствената градина, ако се готви и сервира со љубов, и особено на начин кој нема да остави било какви остатоци од храната, секако дека е еден од одржливите начини на приготвување и конзумирање на храната. Само така, храна ќе има доволно за сите живи суштества на Мајката Земја“, вели Ката.

Преферираат вкусна, свежа и домашно подготвена храна во вистинска кујна.

Slow Food Македонија

Дел од Slow Food International, светска организација која промовира локална храна и традиционални методи на подготовка. Во Македонија активно делуваат веќе 10 години, а нивната филозофија е храна произведена со почитување на благосостојбата на животните и животната средина и правична храна, набавена директно од производителот, односно со фер цена на плаќање.

Николче Николовски од Slow Food силно верува во одржливоста како концепт на македонско тло. „ Како предуслови ги имаме нашата традиција на производство, природните ресурси, регионалните пејсажи, изобилството на сонце. Семејните вредности и култ во поглед на подготовката, служењето и славењето на храната. Во нашите семејства, нашите баби и нашите мајки сè уште подготвуваат ручеци кои се вистинско уживање во храната. Додека пак рестораните генерално служат ужасно лоша храна, што е слика и прилика на постојниот неодржлив модел“.

Овој тим ќе се фокусира на одржливи системи, а воедно и локални, како главна компонента во одржливоста. Тоа подразбира градење на врски во локалните заедници, во синџирот на дистрибуција на храната „од нива до трпеза“, кој мора да биде краток т.е. директна средба меѓу производителот и консументот.

Омилена храна на Николче е онаа од неговата градина, односно локална, свежа, органска, со потекло од локалниот биодиверзитет и традиционалните техники на производство.

(Извор- Reborn.mk)

Сподели!
- Advertisement -