АНАЛИЗА: Каква храна ќе јадеме во иднина?

- Advertisement -

Бидејќи планетата Земја постојано се менува под наше влијание, се менуваат и ресурсите кои ни се на располагање за преживување. Тие стануваат се поограничени па мора да се бараат алтернативни начини за производство на храна, како и алтернативни извори на потребните витамини, минерали и протеини. Недостигот од храна со децении е сериозен проблем во многу делови од светот и резултира со прерана смрт, а поради климатските промени, проблеми со снабдувањето со доволно храна имаат и најразвиените земји во светот.

Многу компании од прехранбената индустрија се занимаваат со иновирање, а во изминатиот период посебно се истакнуваат некои забележителни трендови на глобално ниво. Во продолжение ќе можете да прочитате за некои од највпечатливите иновации во поглед на храната.

- Advertisement -

На прво место ќе ја ставиме водата и пластичниот отпад. Се прашувате како се поврзани овие две теми? Загадувањето на водата предизвикано од пластичниот отпад наведува да се бараат решенија за флаширање на водата. 38 милијарди пластични шишиња за вода годишно се фрлаат само во САД. Добрата вест е тоа што една компанија пронајде начин да направи биоразградливо пакување на растителна база кое изгледа како балон и се консумира заедно со водата складирана во него. Ooho се провидни балони направени од морска трева во кои може да се спакува мала количина вода.

- Advertisement -

Друго решение за производство на пластични шишиња направени од храна се шишињата направени од алги. Додека едно пластично шише може да остане на депониите неразградено со стотици или илјадници години, еден нов концепт за дизајн на шише е чиста спротивност – откако ќе ја испиете водата, шишето почнува да се распаѓа или можете да го изедете. Да, добро прочитавте – можете да го изедете затоа што е направено од агар, односно прав добиен од алги.

- Advertisement -

Кога тој прав ќе се помеша со вода се претвора во материјал сличен на желе кој може да се моделира во каква сакате форма. Шишињата од алги имаат и друга предност пред пластиката – природно ја одржуваат ладна водата дури и кога е најжешко.

На ред доаѓа пластика која можете да ја јадете. Поточно, печурки кои го изеле вашиот пластичен отпад, а потоа вие ги јадете печурките. Fungi Mutarium е одговор на два глобални предизвици. Најпрвин, светот се бори со пластичниот отпад, а од друга страна многу луѓе немаат пристап до доволно храна.

Fungi Mutarium е приказ на тоа како новите биотехнологии можат да се применат  за да се одгледа материјал мој може да се јаде, а бил прехрануван со нешто што за нас луѓето е штетно, па дури и токсично. Системот го стерилизира пластичниот отпад со помош на УВ светлина и помага да почне процесот на распаѓање. Понатаму, мали парчиња пластика се ставаат во садови направи од правот од алги – агар. Неколку спори на печурки се ставаат во истиот сад и почнуваат да растат додека ја дигестираат пластиката. По некое време кога нема да има видливи парчиња пластика, печурките исхранувани со таа пластика може да се јадат. Резултатот на ова се печурки кои може да имаат различни вкусови – морски алги, јапонска храна, кисело-слатка комбинација на манго и морков итн. 

Денешното овошје се произведува со додавање многу вештачки состојки за да биде поиздржливо, поубаво на изглед и попривлечно за да го купуваат консументите. Токму затоа сигурно нема да ви звучи безбедно ако ви кажеме дека сега постојат јаболка кои откако ќе ги излупите или исечете никогаш не потемнуваат. Arctic Apples се генетски модифицирани јаболка кои остануваат цврсти и беспрекорни дури и кога се исечени на парчиња.

Почнувајќи од ноември минатата година „арктичкото јаболко“ се продава во околу 400 супермаркети во САД. Првата врста на „арктичкото јаболко“ ќе се продава најпрвин во маркетите Golden Delicious, а потоа и во Granny Smith во 2018 година. 

Словенечката компанија за иновации Tecos заедно со партнери од Белгија, Франција и Шпанија работи на развој на технологија за изработка на амбалажа за сокови од нуспроизводи од производството на сокови, односно од кората и пулпата на лимоните, портокалите и мандарините откако плодовите ќе се исцедат за индустриско производство.

Проектот се вика Citruspack, а за иновативната зелена амбалажа ќе се користат исклучиво цитрусни плодови од  Шпанија кои се одгледуваат на еколошки начин без употреба на штетни препарати. Предноста на амбалажата е во тоа што е биоразградлива. Целта на проектот е да се искористат 80% од нуспроизводите при производство на сокови од агруми.

Холандски дистрибутер на зеленчук и овошје пронајде начин како да стави органска „амбалажа“ на продуктите со која ќе ги замени лепенките или пластичните кеси. Тие тврдат дека досега имаат заштедено еден милион амбалажи откако почнале со својата технолошка иновација пред извесно време.

Органската „амбалажа“ се „тетовира“ на овошјето и зеленчукот така што се отстранува пигмент од најгорниот слој со помош на ласери. Според нив, методот се нарекува природно брендирање и не влијае на квалитетот, вкусот и рокот на употреба на производите. На почеток го користеле само на овошје и зеленчук со дебела кора како сладок компир или авокадо, но сега може да се „брендираат“ и продукти чија лушпа може да се јаде.

Значаен извор на протеини за луѓето се месото и млечните производи. Сточарската индустрија денес е одговорна за огромното загадување во светот, па потребно е да се најде алтернативен извор на протеини. Во 2017 година, на пример, поимот здрав леб доби една поинаква димензија. Финската компанија Fazer Bakeries произведе леб направен од брашно од штурци, кој е одличен извор на протеини. Иако лебот не изгледа многу поинаку од лебот кој сме навикнати да го консумираме, во секое парче е ставено брашно од 70 штурци богати со витамини.

Но, Финска не е единствената земја зафатена со една таква „треска“ на консумирање инсекти. „Лудилото“ наречено ентомофагија е едноставно човечката пракса на јадење инсекти. Земјите од западниот свет се залагаат за тоа затоа што сметаат дека се одличен извор на проетини, а ги има во изобилство. Иако во многу култури се практикува јадењето инсекти со векови наназад, сега тоа се шири во целиот свет. На пример, Grub Kitchen е првиот ресторан во Обединетото Кралство каде што целосното мени е базирано на инсекти. Хамбургери направени од инсекти почнаа да се продаваат и во Австралија и во Швајцарија. 

Шведскиот синџир продавници ИКЕА е во чекор со тој тренд. Space10 е лабораторија за истражување и иновации на ИКЕА посветена на развој на смели и одржливи бизнис модели. Последниот проект на лабораторијата е селекција на препознатлива брза храна направена со неконвенционални, но сепак здрави и одржливи состојки.

Експериментите на Space10 вклучуваат модерни неконвенционални состојки како што се спирулина или црви во класични оброци како хот дог или сендвич. Идејата е да се трансформира односот на луѓето кон необичните состојки кои можат да бидат потенцијално поздрави и поодржливи отколку тие што моментално ги консумираме.

Ѕвезда на новата селекција оброци е Dogless Hotdog, вегетаријанска верзија на американскиот класичен хот дог преполна со тревки, кромид, моркови, краставици и кечап направен од цвекло и од бобинки. Она што го прави овој оброк уште понеобичен е зеленото лепче кое е направено со микроалги наречени спирулина, кои содржат 50 пати повеќе железо отколку спанаќот и неверојатно високи нивоа на бета-каротен.

Спирулината е неверојатна за печење. Го прави тестото да изгледа одлично и добивате хот дог кој не содржи воопшто месо, но има повеќе протеини од обичниот хот дог.

Bug Burger е одржлива верзија на класичниот хамбургер со плескавица направена од цвекло, пашканат, компири и црви. Црвите сочинуваат околу 20% од плескавицата. Neatball ги содржи истите состојки од плескавиците, при што има една верзија која е направена само со корени, а друга само од црви. Други експериментални јадења од компанијата се салати направени од тревки кои се одгледувани хидропонски и четири вида сладолед од тревки со многу малку шеќер.

Нема најава дали овие производи ќе излезат од лабораторија и ќе се служат во кафулињата на ИКЕА. Засега сето тоа е само концепт, но од ИКЕА инсистираат дека целата поента на лабораторијата е да се експериментира со нови начини на кои животот на луѓето ќе го направат подобар и поодржлив.

Бидејќи доаѓа лето, еве една иновација на нешто што најмногу го консумираме летно време – сладоледот. Во последно време тренд на социјалните медиуми е црниот сладолед направен од активен јаглен. Најпрвин се појави во Лос Анџелес, Калифорнија, а сега го има на повеќе места. Иако е вкусен и безопасен десерт за многумина, тие што примаат одредени лекарства треба да бидат внимателни затоа што активниот јаглен може да го детоксифицира организмот, односно да ги исфрли лекарствата од телото.

Додека го пишуваме ова во светот се работи на нова иновативна храна која ќе ни го направи животот полесен и позабавен, и ќе ни овозможи да внесуваме многу поздрава храна на конвенционален начин.

Сподели!
- Advertisement -