Денеска започна единаесеттото издание на проектот ЛИДЕР организиран од Македонија2025, кој ќе трае десет работни денови. Врвни инструктори од канадската школа за бизнис „Ричард Ајви“ ќе ги пренесат своите практични познавања и совети за водење успешен бизнис.
„Интересот од година во година е сè поголем од страна на претприемачите кои сакаат да се стекнат со нови знаења и да ги имплементираат во своите бизниси со цел Македонија да постигне успех во извозот. Со над 350 алумни и со постојано проширување на соработката со други организации од регионот, проектот ЛИДЕР е една од највлијателните обуки за бизнис вештини во нашата земја“ изјави Билјана Марковиќ Стаменова, извршна директорка на Македонија2025.
„Проектот ЛИДЕР им ја посочува на претприемачите бизнис реалноста со сите потенцијални пречки и начините за нивно надминување, ги оспособува да дискутираат за прашања кои инаку би ги сметале за помалку важни, без ваков вид на обука. Сепак, најважно е тоа што ги охрабрува да ја преземат судбината во свои раце, што пак е предуслов за градење на одржлива економија во Македонија“ потенцираше Волфганг Марингер, претседавач на ЛИДЕР и генерален директор на Арцелор Митал – Скопје.
Канадскиот инструктор и извршен директор на ЛИДЕР – Џејмс Елмхирст истакна дека главната цел на проектот ЛИДЕР е да им помогне на талентираните македонски претприемачи да ги претворат своите идеи во успешни бизниси.
Годинава на проектот ќе учествуваат 35 македонски претприемачи од најразлични сектори.
За сите тековни информации, посетете ја официјалната веб-страна www.macedonia2025.com