Главна цел на нашите програми е креирање на брзорастечки бизниси и високо платени работни места!

- Advertisement -

Во тек е првиот повик од третиот столб на владиниот План за економски раст наменет за микро, мали и средни преторијатија. За интересот на компаниите, формите за поддршка и средствата кои се на располагање разговаравме со Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, институција преку која се реализира оваа програма 

„Интересот ги надмина сите нашите очекувања. Според податоците од електронскиот систем, над 400 компании направиле регистрација и подигнале апликациски пакет. Ова за нас е успех но, и обврска повеќе за Фондот. Обврска во смисла на тоа како низ ефикасен начин, во транспарентна постапка, да се направи евалуација и да се селектираат оние проекти што се подготвени за финансирање. Останува да почекаме до 11 јуни, до кога е отворен првиот повик и да ги погледнеме апликациите што ќе пристигнат. Нема да не изненади доколку имаме сериозна бројка на квалитетни предлози и бизнис планови, што ќе побаруваат повеќекратно поголем износ од оној определен за повикот. Во такво, сега веќе реално можно сценарио, веројатно ќе треба да се разговара и за дополнителни износи за финансирање од Буџетот. Се разбира, важни аргументи секако ќе бидат реалните потреби на економијата да расте, но и фактот дека за секој вложен денар финансиската поддршка преку Планот, добиваме најмалку уште 1 денар инвестиција од самите компании. Така, со 10,5 милиони евра од Планот за економски раст ќе се поттикнат инвестиции во приватниот сектор во износ помеѓу 20 и 25 милиони евра. Зборувам за инвестиции во иновации и технолошки развој, што носат висока додадена вредност, а со тоа и забрзување на економскиот раст и отворање на повеќе добро платени работни места, со плата над 30.000 денари.

Може ли да се каже за кои од мерките има најголем интерес?  Како го толкувате интересот на микро, малите и средните претпријатија за овие мерки?

- Advertisement -

Сите иструменти од третиот столб на Планот за економски раст предизвикаа интерес, очигледно дека бизнис заедницата има „огромна побарувачка“ за нив, но најголем интерес имаме за инструментот бр. 3 – финансиска поддршка за развој на иновации. Преку овој Инструмент се обезбедува финансирање до 70% (седумдесет проценти) од вкупниот буџет на инвестициски проект, но не повеќе од 20.000.000,00 денари (дваесет милиони денари) по апликант. Преостанатиот износ од најмалку 30%  од вкупниот буџет за проектот треба да ги обезбедени апликантот. Со оглед на фактот дека со овој повик за прв пат нудиме финансиски можности кон сите микро, мали и средни претпријатија со средства на државата што не беше случај досега, интересот е навистина голем, што значи дека веќе постои вистинско заживување во македонскиот бизнис сектор. Можам да кажам дека Планот за економски раст е иновација во делот на финансиската поддршка на државата кон економијата. Секако, кај добар дел од компаниите постои резерва, имаат дилема дали имаат капацитет, знаење и вештини дали можат да пополнат добра апликација, имаат и  недоумица што претставува технолошки развој, што е иновација итн. Очекувам веќе после првиот повик и првите успешни приказни тој интерес дополнително да расте и бројот на компании што имаат интерес за финансиска поддршка за иновации и технолошки развој набрзо да го мериме во илјади.

- Advertisement -

Може ли за читателите и сите препријатија кои се уште ги разгледуваат актуелните можности за финансирање да направиме едно разграничување кои се програми и од кои фондови се реализираат преку Фондот за иновации и технолошки развој?

До 2017 година Фондот пласираше средства од заемот на Светска Банка, додека во Буџетот немаше финансиски средства за поддршка на економијата. Од 2018 г. за прв пат и Владата дава поддршка на компаниите за иновации и технолошки развој.  За оваа година иницијално беа предвидени 10,5 милиони евра во делот на третиот столб од Планот што го реализира Фондот за иновации и технолошки развој. Во моментов институцијата има развиено програми кои опфаќаат широк опсег на поддршка на микро, малите и средни претпријатија, преку инструментите со кои располага. Но, она што е заедничко за сите е креирање на брзорастечки бизниси и високо платени работни места. Инструментите од третиот столб на Планот за економски раст веќе се добро познати, но би ги споментал повторно поддршка на малите и средни компании со тенденција на брз пораст – „Газели“, поддршка на микро претпријатија, поддршка на подобрување на иновативноста и поддршка за стручно усовршување и пракса на нововработение млади лица до 29 години.

- Advertisement -

Додека покрај двата добро познати инструменти за поддршка на старт-ап и спин-оф компании и комерцијализација на иновации на Светска банка, минатата недела за прв пат ги лансиравме и двата нови инструменти – Акцелератор за млади и Технолошка екстензија – раст и развој на конкурентноста во вредност од 3,4 милиони евра. Преку овие два инструменти ја прошируваме понудата за младите луѓе, компаниите и научните институции за стимулирање на иновативноста и растот на конкурентноста. Со нив сакаме младите да се вклучат користејќи ги меѓународните искуства и им даваме можности кои ги имаат и во другите поразвиени земји.

Развиваме и посебна програма ПристАПП за примена на иновации во јавниот сектор, каде го завршуваме првиот повик за потребите на Министерството за транспорт и врски. Има и други нови иницијативи што се во фаза на реализација, за кои би зборувале во посебна прилика.

Она што сакам да го издвојам како новина е подготовката за лансирање на петта мерка од третиот столб на Планот за економски раст – еквити и мезанин инвестиции. За почеток, Владата досега обезбеди 7,5 милиони евра капитал за оваа намена. Очекувам на овие средства да дополниме со свеж капитал од приватни извори, со што вкупниот потенцијал може да достигне 15 – 20 милиони евра.

За еквити и мезанин инвестициите

Еквити и мезанин инвестициите се посебен механизам за финансирање на компаниите, каде покрај средствата корисникот добива и стручна поддршка во делот на менаџмент, маркетинг, организациска поставеност итн. Преку фондот за еквити и мезанин инвестиции, друштвото што ќе управува во име на државата со овие инвестиции ќе биде дел од сопственичката структура на компанијата корисник. Но, тоа ќе се реализира под точно дефинирани услови и во точно определен, ограничен период, вообичаено (по светски искуства) не подолг од 5 години. Ова е ефикасен механизам преку кој државата ќе може да остварува не само поврат, туку и добивка на вложените средства што е впрочем добро воспоставена практика во развиените западни економии.

Кои совети би им ги дале на компаниите, менаџерите, претприемчите кои се потенцијални корисници на активните програми и мерки? Кои се најчесто поставуваните прашања/дилеми за да ги откриме одговорите и на останатите?

Има многу прашања за кои се инересирааат корисниците, поврзани со овој повик. Најчесто ги интересира дали средствата се неповратни и на кој начин се исплаќаат. Се работи за неповратни финансиски средства, што се исплаќаат на квартална основа, во тек на траење на инвестицијата. Често поставувано прашање е и дали може да се набавува опрема со средствата, дали може еден апликант со ист или различен проект да аплицира за повеќе инструменти итн. Доколку опремата е наменета за истражување и/или развој (производство) на иновативен производ, услуга, процес, маркетинг иновација, тогаш може. Сепак, препорака е трошоците за опремата да не бидат доминантни во однос на трошоците за истражување и развој. Исто така, еден апликант може да аплицира со ист предлог проект одеднаш со комбинирање на инструментот за поддршка на т.н „Газели“ и инструментот за поддршка за стручно усовршување и пракса за нововработени млади лица. Во таков случај апликантот пополнува апликација и буџет и за двата инструменти за поддршка. Еден апликант, со различен предлог проект, може да аплицира за финансиска поддршка преку повеќе инструменти на Фондот. Но, притоа самиот апликант треба да процени дали има доволно капацитет да реализира 2 или повеќе проекти во истобфивреме. Проценката на капацитетот е дел и од критериумите за селекција.

За дополнително олеснување на компаниите, покрај одделот за стручна поддршка што го воведовме на почетокот на 2018 г., составивме и преглед на најчесто поставувани прашања, со одговори и препораки. Прегледот е јавно достапен на нашата веб страница и верувам дека е корисна алатка при подготовка на апликациите и буџетите.

На крајот, сакам да ги охрабрам сите компании да ја следат работата на Фондот, и да ги искористат сите можностите за финансирање. Особено би ги охрабрил младите бидејќи сум убеден дека Македонија има и капацитет, а сега и јасна политика, волја и финансиски инструменти да ги следи младите во развивање на нивните идеи за брзорастечки бизниси и нови, високоплатени работни места.

 

Сподели!
- Advertisement -