Од автор кој студирал бизнис на Харвард и Јејл и добил Пулицерова награда, книгата Моќта на навиките е овонеделниот предлог на #ИновативностЧита.
Чарлс Дјухиг, авторот на книгата Моќта на навиките – зошто делуваме на начинот на кој делуваме во животот и во бизнисот, пред да дојде до моментот да ја напише книгава, си поставил една мисија во животот: да ги елиминира своите лоши навики кои придонеле кон тоа тој да се здебели, да влегува во несогласувања со сопругата и да не се чувствува добро.
Кога почнал да размислува како да го промени својот секојдневен живот, после кратко истражување и читање, сфатил дека мора да воведе во животот нови и долготрајни навики. И во книгата, тој ги има вклучено дел од научните истражувања кои откриваат зошто навиките постојат и како да ги промениме.
Во Моќта на навиките, Дјухиг се задржува на неколку примери, како позитивни, така и негативни кои доаѓаат од различни компании, од спортска индустрија, од граѓанско општество итн со цел да покаже колкава моќ на трансформација имат навиките. Дјухиг успеал да ги детектира навиките со кои пливачот Мајкл Фелпс успеа да собере толку многу златни медали, потоа како Хауард Шулц направи светска корпорација од Starbucks и како Мартин Лутер Кинг успеа да покрене такво движење што засекогаш ги промени правата на афроамериканците во САД.
Дјухиг вели, дека навиките кои се практикуваат посветено и се како „зацртани во камен“, на компаниите можат да им заработат милијарди, буквално да бидат разликата помеѓу неуспехот и успехот, но и меѓу смртта и животот.
Од книгата ќе научите дека со дисциплина и посветеност, секој човек може да воведе тврдокорни навики во животот кои гарантирано ќе резултираат со успех, најмногу поради фактот дека човечкиот мозок е изграден на начин да ја прифаќа секоја задача која ќе му ја зададеме како навика. Процесот на создавање на позитивна навика не е лесен, но за среќа Дјухиг изградил една рамка по која може да се движите за да изградете добри навики:
- Идентификувајте некоја од вашите рутини
- Откријте каква награда добивате откако ќе ја исполните рутината
- Направете план на спроведување на рутината
Како што вели и самиот автор: „Успешните луѓе не прават неверојатни работи, тие прават обични и секојдневни работи, но ги прават без размислување и брзо, односно ги следат навиките кои ги усовршиле!“